Одбележан 3-ти декември денот на лицата со инвалидитет
Одбележан 3-ти декември денот на лицата со инвалидитет.
Во Охрид одбележан 3 декември денот на лицата со инвалидитет. Повеќе охридски здруженија го одбележаа светскиот ден со неколку спортски активности. Претседателот на здруженеито со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Охрид , Венко Голабоски кажа дека 10 посто од населението во Македонија е со некој инвалидитет. При тоа потенцира дека тие не се лица со посебни потреби туку дека се лица со посебни способности. Голабоски се осврна и на тоа колку се задоволни од досегашните придобивки на институциите.
„Придобивките кои државата и општината ги доделува на лицата со инвалидитет не ги задоволува нашите потреби и се под нивото на долично квалитетно живеење. Но, ние сме дел од општеството и мора да се вклопиме во сиромаштијата на државата и општината. Тоа не значи дека не тежнееме кон поголеми придобивки и други инвалидски додатоци“, истакна Голабоски.
Во посета на охридските здруженија дојде и заменик министерот за Труд и социјална политика Диме Спасов. Тој претходно пред здружението на пензионери наброја низа проекти за оваа категорија од населението. И пред присутните лица со инвалидитет одржа говор во кој истакна што досега владата направила за да го подбри нивниот животен стандард ,а најави и што ќе направи во иднина. Спасов, настанот го искористи и за политичко обраќање пред присутните, но не дозволи новинарски прашања.
Не дозволи да го прашаме за теми кои ги засегаат лицата со инвалидитет, како што е на пример прашањето зошто институциите сеуште се недостапни со физичките препреки и другите бариери за лицата со инвалидитет и дали политичкото обраќање пред присутните во Охрид го направи во својство на заменик министер или во својство на член на Вмро Дпмне. Не успеаве да го прашаме и дали во Охрид дојде со возило од Агенцијата за вработување.