Одбележан 7 ми Ноември Денот на ослободувањето на Охрид
Сo бројни свечености градот го одбележа јубилејот 75 години од ослободувањето на фашистичкиот окупатор. Го продолжуваме аманетот на нашите предци да ја сочуваме со живот платената слобода, чесно и посветено го градиме Охрид за подобра иднина на сите, истакна градоначалникот Константин Георгиески во своето обраќање на свечената академија.
Охрид го одбележа 7 ми Ноември Денот на ослободувањето. Со полагање на 75 рози за 75 години слободен живот градот им одаде почит на сите борци кои дале придонес во стекнување на слободата од фашистичкиот окупатор. Во организација на Општина Охрид и ОО Сојузот на Борци се одржаа бројни свечености. Се одржа и свечена академија на која се обрати градоначалникот Константин Георгиески.
Денес, се потсетуваме на пожртвуваноста на борците кои пред 75 години ги вградија своите животи за слободата на Охрид, рече меѓу другото во обраќањето Георгиески.
„Историјата забележала многу датуми, но само 7 -ми Ноември е поврзан со борбата за слобода на Охрид и охриѓани. Со пожртвуваност, храброст, умешност и мудрост нашите сограѓани ја донесле толку посакуваната слобода удирајќи ги темелите на современиот град “, рече Георгиески.
Ние го градиме и развиваме Охрид не заборавјќи го делото на нашите предци и крваво спечалената слобода. Од ослободувањето до денес многу нешта се промениле, но не и напорите и темелите на правдата и доброто, Охрид да го развиваме како економски,туристички, културен, образовен центар, напомена градоначалникот.
„Секогаш неуморни, родољубиви и во заедништво, солидарност и почит едни кон други го надградуваме и развиваме Охрид претворајќи го во напреден дом онака како што посакувале и го сонувале борците“, кажа Георгиски.
Одбележувањето на 7-ми Ноември Денот на ослободувањето на Охрид започна со полагање свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ, панахида во село Рамне пред спомен обележјето на Јасна Ристеска и се одржа историски час за значењето на 7-ми ноември во спомен паркот на револуцијата.
На свечената академија рецитал и музички точки изведоа ученици од охридската гимназија, градскиот хор Вокс Лихнидос и од музичкото училиште Методи Патчев.