Одбележан христијанскиот празник посветен на мачениците Вера,Љуба, Нада и мајката Софија
Одбележан христијанскиот празник посветен на мачениците Вера, Љуба, Нада и мајката Софија. Во малата црквичка, во населбата Лагадин, посветена на четирите светителки вчера се собраа голем број верници. Охриѓани и гостите ги славеа љубовта, верата, надежта и мудроста најважните христијански вредности.
Одбележан христијанскиот празник посветен на Вера, Љуба, Нада и мајката Софија во истоимената црквичка во Лагадин . По 18 пат се одржа голем црковно народен собир на кој од година во година доаѓаат се повеќе и повеќе верници од Охрид , но и од другите градови. Во малата црквичка на 30 септември, верниците ги слават љубовта , верата , надежта и мудроста. Малиот параклис е изграден од познатиот охридски угостител Љупчо Патчев по повод одбележувањето 2000 години од христијанството. Верниците доаѓаат да се помолат на овој ден кога црквата на крајот од септември го празнува овој празник , се отпејува проскура и пченица, а се служи и ручек. Ктиторот на црквата Патчев традиционално собраните средства ги наменува во хуманитарни цели.
На 30 септември, црквата го празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Била вдовица која живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов. Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа била заслужна за воспитувањето на ќерките, а страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.