Skip to main content

Одбележан патронатот на ОУ „Григор Прличев“ од Охрид

Учениците и присутните се потсетија на Прличевата мисла „Блазе си му на оној што со труд се извишува себе си“. Оваа порака од големиот Прличев се пренесува од генерација на генерација ученици кои образованието го стекнуваат во училиштето кое со гордост го носи неговото име. 

 |  Валентина Неловска  | 

Основното училиште „Григор Прличев“ го одбележа патрониот празник. Лилјана Ефтимовска, директорката на училиштето, го честита патронатот потсетувајќи ги присутните на неговата мисла, „Блазе си му на оној што со труд се извишува себе си“ и упати порака до учениците. Оваа мисла нека ви биде водилка низ животот, како што била на бројни претходни генерации. Знаењето што се стекнува во нашето училиште е клучна одредница за учениците, кажа Ефтимовска.

Само со труд, посветеност и работа ќе постигнете резултати кои ќе ве воведат во светот на возрасните и успешните луѓе. Секогаш имајте на ум дека квалитетот на животот започнува и завршува со образованието. Тоа е капитал кој никој не може да Ви го одземе и нека е средство на посакуваните цели во животот – истакна Ефтимоска во своето обраќање.

Пред бистата на Прличев, во училишниот двор, беа положени букети свежо цвеќе од претставници на локалната самоуправа и Советот на Општина Охрид. Пред бројните родители, наставници и гости од збратимените градови со школото беа врачени наградите на учениците од предметна и одделенска настава за најдобрите литературни и ликовни творби.