Skip to main content

Одбележан патронатот на ОУ „Христо Узунов“ на тема „Синџир алки од стихови ковани“

„Синџир алки од стихови ковани“ беше темата на Свечената академија која синоќа се одржа во Центарот за Култура, по повод патрониот празник на ОУ „Христо Узунов“

 |  Николоска Биљана  | 

Со отварање на ликовната изложба на дела од основците од „Христо Узунов“, започна Свечената Академија по повод патронот на ова училиште. Директорот Тони Симоноски, рече дека се гордее со успесите на своите ученици и нивните ментори, посебно што се потрудиле се да подготват во една беспрекорна организација со културно уметнички точки посветени на една од најмаркантните личности во Охрид и околината, Христо Узунов. Тој ја нагласи и добрата соработка со збратимените училишта од Србија кои беа дел од свечениот амбиент.

„Имавме тркалезна маса и разменивме доста мислења околу образовните системи на Р Србија и Р Македонија, извлечени се поуките така да се надевам на продлабочување на тие врски помеѓу основните училишта. Предначиме во однос на реформите кои што ги имаме во образованието можеби се со чекор два наназад од нас, но добри се искуствата да покажеме што е добро и како да се воспостават тие реформи во образованието“ – истакна Симоноски.

На патрониот празник на ОУ „Христо Узунов“ се чуствувам како да сум дома, рече Душан Стојановиќ директор на збратименото ОУ „Вук Караџиќ“ од Врање.

„Точно оваа посета значи да видиме што е добро кај нашите побратими, а што е помалку добро и обратно. Тогаш вршиме споредување тоа што е добро го преземаме едни од други така да овие наши посети служат за да го унапредиме нашето образование“.

Осма година по ред претставници од ОУ „21 Октомври“ од Крагуевац присуствуваат на патрониот празник на „Христо Узунов“.

„Инаку нашето училиште го носи името „21 Октомври по денот кога во 1941 год германските фашисти стрелаа неколку илјади невини луѓе, меѓу кои беа и 300 ученици и професори кои беа изведени од школските клупи и настрадаа. Инаку нашата соработка се состои во тоа што разменуваме искуства во настава но најголема среќа е што нашите деца учениците од Крагуевц и Охрид се дружат и доаѓаат во посета едни со други , а имаме и случаи и семејствата меѓусебно да се посетуват и дружат и тоа е многу добро“.

На Свечената академија своја изведба имаше училишниот хор, оркестарот, членовите на рецитаторската секција, a исто така имаше изведби на точки од модерен танц. Околу тоа како течеа подготовките, збор дава кажа наставничката по македонски јазик Билјана Чингоска.

„За патронатот се подготвувавме еден месец. Во однос на литературниот дел, темата е „Синџир алки од стихови ковани“ во кој е направен сплет на најпознатите стихови од македонската поезија од 19 и 20 век, односно од најпознатите македонски поети кои беа основоположници на современата македонска поезија, поточно уметничката поезија која ја создадоа, преку која ја ширеа својата преродбенска дејност“ – вели Чингоска.

Во рамки на свеченоста беше доделено признанието „Првенец на генерација 2015/2016“ на ученичката Викторија Пановска и пофалници на успешни ученици. На свеченоста присуствуваа во голем број, граѓани, родители и претставници на Советот на општина Охрид.