Одбележан Светскиот ден на бубрегот во Охрид
Годишно на одеделението за урологија при општа болница Охрид, се прават околу 700 оперативни интервенции на бубрег. Бројката на операции е во пораст, истакна д-р Горан Балевски, кој денес во гимназијата „Св Климент Охридски“одржа едукативен час, пред учениците од прва и втора година, за болестите на бубрезите и за превенција.
Дејствувај навреме за да спречиш. Годинава под ова мото се одбележува Светскиот ден на бубрегот, со посебен акцент на децата. По тој повод во охридската гимназија „Св Климент Охридски“ едукативен час, одржа еминентниот специјалист по урологија д-р Горан Балевски. Се смета дека децата ретко заболуваат од бубрежни болести, но, тоа е сосема погрешно, бидејќи децата и тоа како се подложна група на ваквите заболувања, категоричен Балевски. Додава дека бубрегот можеби и не е толку популарен орган како што е тоа срцето и белите дробови, но смета дека преку разни едукации треба да се стави посебен акцент на бубрежните заболувања и ризикот кој истите го носат.
„Бубрегот може да почне одеднаш со јаки болки, меѓутоа може да почне и многу тивко и подмукло и да трае повеќе време, за да настане едно крајно оштетување на бубрежната функција. Може да почне со малаксалост, температури и тоа да трае краток временски период и за кратко време да ја изгуби бубрежната функција. Така да мој совет е за секој совет пациентите да се јават на лекар“.
Не ретко во градските кулоари може да се слушне дека водата во Охрид предизвикува настанување на камен во бубрегот, а со тоа и негово оштетување. Д-р Балевски тврди дека тоа не е точно и даде препораки за превенцја.
„Процентот на заболувања од бубрег во Охрид посебно калкулоза не е ништо поголем отколку во другите градови и е помал отколку европските статистички центри што ги водат. Ние и како лекари имаме обврска да влијаеме на свеста на луѓето, во однос на тоа кога тие треба да се јават на лекар, што да користат за исхрана, да спортуваат, здраво да се хранат, да не пијат, не пушат да не користат самоиницијативно лекови, дроги о останати непотребни материи“.
Балевски во текот на своето предавање истакна декаа трансплантацијата на бубрег е една од најсигурните методи за лекување, за да се спречи дијализата, која постапка пак била тешка за пациентите и барала голема одговорност. Тој рече дека Македонија била меѓу првите земји каде што се правело трансплантација, дури пред Словенија. Според него трансплантацијата е многу поефтина постапка и затоа и денес се прават напори нашата земја да влезе во Еуро трансплант, да се обучат тимови за трансплантација и да има повеќе пациенти на кои ќе им се трансплантира бубрег.
Инаку денес покрај едукативниот час за за важноста на бубрегот, неговата функција, болестите поврзани со овој орган како и за превенција, во знак на одбележување на Светскиот ден за бубрег, средношколците од „Св Климент Охридски“ одиграа и пријателски фудбалски натпревар во спортската сала Климент Колевски.
Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во повеќе од 150 земји во светот каде се организираат илјадници јавни настани со цел зголемување на свесноста на населението за превенција и рано откривање на бубрежните болести.