Skip to main content

Oдбележана годишнината 145 години од раѓањето на Кирил Прличев

Се одржа историски час за делото на Кирил Прличев револуционер, новинар, писател, преведувач. Внукот на Кирил Прличев на охридскиот музеј му подари копија од досега необјавена фотографија од неговиот дедо.

 |  Валентина Неловска  | 

Се одбележаа 145 години од раѓањето на Кирил Прличев револуционер, новинар, писател, преведувач. Во Прличевата одаја на НУ Библиотека Григор Прличев се одржа историски час за неговото општествено и револуционерно дело посветено на самостојноста на македонската државност. Денешното одбележување на годишнината од раѓањето на синот на охридскиот Хомер, големиот охриѓанец Григор Прличев, во организација на општина Охрид. За неговата општествена дејност осврт даде Живка Ангелоска, претседател на Советот на Охрид.

„ Кирил Прличев е македонски патриот, револуционер, журналист, идеолог, интелектуалец. Не се колебал да се изрази јавно и да ги брани сопствените ставови. Бил образован ја сакал книжевноста, говорел неколку јазици и вешто умеел да ги спои во неговото учество во речиси сите етапи од револуционерната Македонска борба.Делото на Кирил Прличев не е доволно истражено и ќе е предизвик за младите научници“, истакна меѓу другото Ангелоска.

Историчарот, професор Климент Спасески, даде осврт на богатиот револуционерен животен тек на Кирил Прличев. Истакна дека бил учесник на Смилевскиот конгрес, се борел во четите во неколку востанија како што биле Меленичкото и Илинденското востание.

„Револуционерно е поврзан од почетокот на Македонското револуционерно дело. Огненото крштевање во Македонската револуционерна организација го има од Гоце Делчев и Дамјан Груев. Учествувал во Мелничкото востание како водечки идеал му е слободна и автономна Македонија. Со неговата остроумност увидел дека за ослободување е потребно поголемо организирано востание и животот ревносно го посетил кон идеалите на организацијата за да го подготви теренот за едно такво востание“, рече Спасески.

Внукот на Кирил Прличев,кој го носи неговото име, му подари на охридскиот музеј копија од досега необјавена фотографија од револуционерот и публицист Кирил Прличев. Тој е задоволен што на 145 годишнината од раѓањето на неговиот дедо градот му оддава почит за неговата посветеност во општесвената и револуционерната заложба за самостојна Македонија.
Значајно е и тоа што Кирил Прличев, во Софија го формира Македонскиот научен институт, бил директор на Охридскиот музеј и заедно со археологот Димче Коцо ги откриваат моштите и гробот на Св Климент Охридски на Плаошник.
Крил Прличев умира во 1944 година во Охрид каде што е погребан во црковниот комплекс на црквата Св. Богородица Перивлепта заедно со неговиот татко Григор Прличев.