Одделенскиот наставник Маре Ѓоргиоска од ОУ Григор Прличев е избрана меѓу 9те најуспешни македонски наставници
Таа на конкурсот „ Успешни наставници за добри наставни пракси“ од Фондацијата Отворено општество го освои второто место за креирање на инвентивна настава. На училиштето му донесе вредна награда од дидактички средства.
Маре Ѓоргиоска, одделенски наставник од ОУ „ Григор Прличев “ е избрана меѓу 9те најуспешни македонски одделенски наставници. На конкурсот на фондацијата Отворено општество во изборот на тема „ Успешни наставници за добри наставни пракси“ Ѓоргиоска го доби второто место. Таа е одделенски наставник во Прво 4 и во своето 34 годишно работно искуство за прв пат сосема случајно учествувала на еден ваков конкурс. Поттикната од својата помлада колешка Ивана Маховска учествувала на повикот од фондацијата. Наградата и претставува голема сатисфакција во долгогодишната кариера бидејќи многу често применува креативни наставни содржини за своите ученици.
„Долги години работам и со долгогодишното искуство во прво одделение е најтежок проблем да се адаптираат и социјализираат првачињата и да им се задржи вниманието. Класична настава не може затоа секогаш кога можам, а тоа е многу често, преку игра сакам да им го пренесам знаењето. Најмногу учат преку игра и добиваат желба за нови знаења. Многу често во прво, второ и трето одделение, а потоа во 4 и 5 одделение треба поинаков пристап во пренесување на знаењата“, кажува одделенскиот наставник Ѓоргиоска.
Целта на повикот на Фондацијата Отворено општество е како наставнците придонесуваат за иновативна настава и креирање на социјални вештини кај учениците. Наградата која ја доби одделенскиот наставник Маре Ѓоргиоска му донесе на ОУ „Григор Прличев“ вредна донација. Во услови кога училиштето подолго време работи со блокирана жиро сметка, оваа награда на нивната колешка е добредојдена, напоменува Офелија Петреска директор на основното училиште.
„ За нашето училиште оваа награда многу значи. Бевме избрани меѓу 9-те најдобри наставници и добивме дидактички нагледни средства во висина од 40. 000 денари . Тие ќе се користат за потребите на одделенска настава. Можеби ова е мал дел од она што ни недостасува, но за нас многу значи“ , подвлекува директорот Петреска.
Во ОУ „Григор Прличев“ во одделенска настава има 35 наставници кои водат паралелки од 1 до 5 одделение. Од нив 30 се во централното училиште и 5 се во подрачното школо во населбата Рача.