Врз основа на финализираните ранг листи за првото и второто пријавување за упис во средно училиште за учебната 2023/24 година се запишале вкупно 15.481 ученици, информираат од Министерството за образование и наука.
Од МОН соопштуваат дека 4.603 се запишани во гимназиско образование, а 10.277 во стручно образование. 187 се запишале во уметничко образование, а 414 во спортска гимназија.
Конкурсот за запишување ученици е завршен во стручно образование во следниве струки во училиштата во Охрид и Струга:
ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“-Охрид за образовниот профил техничар за индустриска мехатроника на македонски наставен јазик;
СОУ „Св. Кирил и Методиј“-Охрид за образовниот профил техничар за е – трговија и дигитален маркетинг на македонски наставен јазик;
СОУ „Нико Нестор“ – Струга, за образовниот профил архитектонски техничар на македонски наставен јазик;
СОУ „Нико Нестор“- Струга за образовниот профил гинеколошко акушерска сестра на македонски наставен јазик;
СОУ„Нико Нестор“-Струга за образовниот профил хемиско лабораториски техничар на албански наставен јазик.
Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок. Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август до 24:00 часот.