Skip to main content

Туристичко угостителски сектор

Одржан Саем за сезонско вработување на средношколци и студенти

Настанот е организиран од Касарна Хаб во соработка со Агенцијата за вработување од Охрид, Факултетот за туризам од Охрид и сите средни училишта од Охрид, а истиот е поддржан од „ЕУ фор ем“ – проект финансиран од европската Унија, Стелар Солушнс Скопје и Општина Охрид.
 |  инфодеск  | 
Саем за вработување

Средношколците и студентите кои бараат сезонска работа, имаа можност да се запознаат со понудата на дел од хотелите на охридско-струшката ривиера и да стекнат драгоцено искуство  работејќи некоја од професиите во туризмот. Касарна Хаб денес го организираше Саемот за сезонско вработување на средношколци и студенти. Заинтересираните средношколците велат, потребни им се сопствени примања, не сакаат повеќе да зависат од родителите, а  работното искуство со кое ќе се стекнат им е поважно од примањата. Нивен прв избор се големите хотели, бидејќи мислат дека овие работодавачи нудат и поголема сигурност.

Да би сакал да примам мои пари. Да не зависам од родителите, да обирам јас на што ќе ги трошам парите. Најинтересно сега за сега ми е „Хотели Метропол“ затоа што е поголема компанија и нуди повеќе работни можности. Сакам да имам работно искуство во иднина – вели средношколецот Бојан.

Саем за вработување

Но, на студентите и на повозрасните и тоа како им е важна висината на платите кои се нудат, тие не ни размислуваат да работат за минимална плата. Од хотелско-угостителскиот сектор загрижени дека оваа и наредната сезона ќе бидат вистински предизвик за нив, поради недостигот на работна сила и се поголемиот тренд на заминување на младите во странство. Денес претставниците од хотелско-угостителскиот сектор земаа информации од заинтересираните кои подоцна ќе бидат повикани на дополнителни разговори.

Дојдовме на оваа презентација бидејќи нам во сезонава ни се потребни 20 келнери, 20 готвачи, околу 20 собарки. Потребен ни е помошен персонал, бидејќи во сезоната покрај хотелското работење, имаме и плажа. Оваа сезона ни требаат млади дечки кои ќе може да одговорат на потребите на хотелите, за да ја покриеме и плажата. Бидејќи секој гостин кој доаѓа сака да биде задоволен – вели Јованче Николов од „Metropol Lake Resort“.

Саем за вработување

Свесни дека не можат да понудат плата во висина на онаа која на пример се нуди во Хрватска, се надеваат дека сезонските вработувања, би можеле да го ублажат ударот кој несоменно ќе го зададе недостигот на работна сила во овој сектор оваа сезона. Ваквата состојба во туризмот не е случајна. Резултат е на негрижа акумулирана од минатите години, вели Никола Божиноски, менаџер на Хотел „Вилиџ“.

Ова е последица на тоа што се случувало во минатите години. Многу ниски примања, многу мали плати, луѓето беа незадоволни, работеа прекувремени саати кои не беа платени од хотелите. Тоа е најголемиот проблем што ни се случува. Реално, кај нас, сите плати на вработените се повисоки од минималната плата, оваа сега 20.175 денари. Најниската позиција, со стотина евра би била повисока од оваа. И тоа е минималната плата без прекувремена работа, работа во празници, гледаме во секој поглед да им излеземе во пресрет на луѓето – додава Божиноски.

Саем за вработување

Настанот беше организиран во соработка со Агенцијата за вработување од Охрид, Факултетот за туризам од Охрид и сите средни училишта од Охрид, а истиот е поддржан од ЕУ4M –  проектот финансиран од ЕУ, Стелар Солушнс Скопје и Општина Охрид.

Саем за вработување
Саем за вработување