Одржана 26-тата седница, усвоени повеќе одлуки
Дневниот ред на денешната 26-та седница на Совет на Општина Охрид беше надополнет со 6 точки. Општината предложи измена и дополнување на годишна програма за поставување урбана опрема за 2023 година, предлог одлука за утврдување почетна цена за поставување покриени и непокриени шанкови со локации, предлог одлука за поставување покриени и непокриени шанкови со локации на подрачјето на Општина Охрид за периодот 2023 – 2026 година, како и програма за поставување реклами на автобуските постојки и одлука за примање донација за две основни училишта.
Советниците од опозицијата реагираа на итноста на предложените точки и побараа истите да се одложат затоа што материјалите односно предлог одлуките ги добиле вчера и немале доволно време да ги разгледаат. Мнозинството во советот го усвои надополнетиот дневен ред по што предложените точки беа изгласани. За измените на програмата за урбана опрема немаше дискусија, па останува да видиме на кои локации општината предвидела поставување шанкови.
Единствено дискусија се разви за кредитното задолжување на ЈП „Охридски Комуналец“ со наменски кредит во износ од 140 000 евра за набавка на половни возила не постари од 10 години.
„Колку е оправдано едно претпријатие со негативен финансиски резултат од работењето дополнително да се задолжува. Цената на услугата на претпријатието се покачи, а паралелно го промени начинот на пресметка на надоместокот со ажурирање на корисните површини и така некои граѓани плаќаат и до 70% повисока давачка за ѓубретарина, но и тоа не ја промени многу финансиската соостојба, платите доцнат а долговите се таложат“, посочи советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.
Дали оваа состојба на претпријатието треба дополнително да се оптоварува со ново задолжување? Влогот за задолжувањето е голем ако се има предвид дека како гаранција претставува хипотека на деловните простории на претпријатието во поранешната административна зграда на Градски пазар. Дали сме на чекор јавното претпријатие да ги изгуби овие простории – истакна советничката Ангелоска.
Ангелоска додаде дека подобро е да се набават сопствени возила отколку да се изнајмуваат, но и кога претпријатието изнајмувало минатиот период акцентот го ставило на машини метачки место на специјализирани возила иако има над 30 вработени за метење јавни површини. Исто така ја потсети сегашната власт дека кога беше опозиција критикуваше набавка на половни возила поради трошоците за резервни делови. Поради сето тоа Ангелоска кажа дека подобро е претпријатието да го одложи задолжувањето за некое подобро време.
Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Саше Најдески кажа дека ажурирањето на корисните површини врз основ на кои се пресметува надомест досега требало да биде направено. А за набавката на половни возила кажа дека доставата на нови трае и до 2 години, а претпријатието немало време за чекање.
Во однос на покачените сметки, Претседателот на Совет, Сашо Донев кажа дека досега претпријатието губело до 6 мил денари годишно од наплата затоа што не биле ажурирани податоците за имотните листови со Катастар и некои граѓани плаќале значително помали износи.
Ако сте планирале да ги ажурирате корисните површини, прво требаше да го направите тоа, а потоа да ги зголемувате цените. Она што мене ме интересира е дали ЈП ќе го исплати овој кредит без да ги изгуби административните простории – вели Ангелоска.
Претседателот на Совет, Сашо Донев кажа дека не треба да се манипулира со јавноста дека јавното претпријатие ризикува со давање на деловните простории како гаранција, туку дека тоа го прави за да не ги загуби истите преку извршување поради блокираната сметка.
Ние со ова што го правиме ги спасуваме деловните простории на јавното претпријатие. Ако тие простории со исплаќање на последната рата од претходниот кредит кој исто така е хипотекарен, тие простории ќе станат слободни и оние коишто имаат побарувања од Јавното претпријатие по извршни сметки и кои имаат повисоки камати од главниот долг бидејќи 20 години течат камати, ќе добијат деловни простории за 15-20 000 евра. Е тоа ние сакаме да го спречиме – кажа Донев.
Советот даде зелено светло ЈП да се задолжи со хипотекарен кредит за набавка на возила.
На седницата беше изгласана измена на програмата за уредување градежно земјиште со што беа намалени средствата предвидени за асфалтирање улици и поставување водоводни линии во износ од по 1 милион денари поради постигнати пониски цени на јавна набавка.
Беа донесени и одлуки од урбанистичката сфера меѓу кои и 9 легализации на бесправно изградени објекти. На седницата советничката од Левица Виолета Аврамоска поднесе по втор пат, иницијатива за обележување на 10-те службени возила на Општина Охрид со налепници за да се спречи нивна злоупотреба надвор од работно време.