Skip to main content

Одржана 56. Седница на Советот на Оштина Охрид, усвоен ребаланс на буџетот

Советот на Општина Охрид на денешната седница изгласа ребаланс на буџетот поради вишок средства во износ од 108 милиони денари. Се разви дискусија во однос на распределбата на средствата по програми.
 |  инфодеск  | 

Советниците на денешната 56. Седница на Совет изгласаа ребаланс на Буџетот со измени и дополнувања на неколку годинишни развојни програми. Дневниот ред беше дополнет со овие предлог одлуки поради потребата од распределување на вишок на финансиски средства на сметката на општината.

Добивме известување од Министерството за финансии дека покрај износот на дотации за ДДВ од 2025 општината има и дополнителни средства од делот за перформанси согласно финансиската успешност поради што има вишок на средства во износ од 108. милиони денари кои со ребалансот се распределуваат по одделни програми.

Советниците во дискусијата по однос на ребаланост се задржаа на измените и дополнувањата на Програмата за уредување градежно земјиште за 2025, за одржување и заштита на локални патишта и улици, програмата за активностите на Општината во основното образование и развојната програма за изработка на урбанистички планови.

Координаторката на советничката група од СДСМ и Коалицијата, Живка Ангелоска истакна дека еден голем дел од средствата се за набавка на опрема за противпожарна заштита во градинката и образованите установи, но искажа забелешка дека нема рамномерна застапеност на средства за сите училиште, пред се за ОУ „Григор Прличев“, напоменувајќи дека изминатите 4 години немало посериозна инвестиција во ова училиште. Но како највпечатливо во измените на програмите според неа се средствата кои се наменуваат за уредување градежно земјиште.

Над 43 милиони денари ви се за асфалт, реконструкција на водоводни мрежи, на атмосферска и фекална канализација и сето тоа наликува на еден вид легален предизборен поткуп. Кажувам легален затоа што посочив дека ваше е правото како ќе ги распоредите средствата . Искрено му доаѓа дека сето она што не успеавте да го направите во овие 4 години сега треба оваа година максимално да го изработите. Навистина не знам со кој капацитет во однос на градежните работи кои планирате да ги изведите во однос на работна сила и градежна механизација, а сето тоа да биде квалиетно изведено., рече координаторката на советничката група од СДСМ и Коалицијата, Живка Ангелоска.

За да не се сведе дискусијата на политичко препукување Ангелоска потсети на изјава дадена од предходниот претседател на совет кој критикувајќи ја предходната локална власт за асфалтирање  и градежни работи пред избори, кажа дека во иднина нема да се случи во последните 6 месеци од мандат да се асфалтираат улици.

Средствата предвидени за асфалтирање во програмата за уредување на градежно земјиште  не се за нови улици туку за улиците кои се предвидени со основниот буџет и основната програма усвоени од Советот, кажа Тони Иваноски од секторот за комунални дејности. Зголемувањето во одреден износ се должи на зголемувањето на пазарните услови односно на цените. Ги разгледав сите промени и гледам дека ние  нови активности за афалтирање имаме само во две ставки, сите други ставки се опфатени со основната програма и основниот буџет донесен на крајот на предходната година. Што значи дека средствата предвидени со измената на програмата се за завршување на активностите кои се донесени со основната програма.

Збор зеде и Претседателот на Советот, Перчо Божиновски кој во контекст на тоа што беше прозван неговиот предходник на функцијата, истакна дека имаат одговорност пред граѓаните да ги спроведуваат проектите и годишните програми и предвидените активности изгласани од Советот треба да се реализираат. Во однос пак на ОУ „Григор Прличев“ кажа дека не се согласува со советничката Ангелоска дека во оваа установа не се инвестира.

Сумата која што ќе ја наведам е доказ за тоа зошто покрупни проекти не се реализирани. 4 мил денари  се средства  за комплетно исплатени стари долгови кои се исплаќани по предходно склучени договори. Набавен е видео надзор, училишна опрема и машини и санација на системот за греење., изјави Божиновски.

Износите кои се инвестираат се минорни, реплицираше Ангелоска и додаде дека долгови од училиштето плаќала и предходната власт, но на учениците и на вработените не ги интересира дали имало долгови туку да имаат подобри услови за работа и тоа треба да биде приоритет. 

На денешната седница беа усвоени сите точки од надополнетиот дневен ред меѓу кои одлука за усвојување на Физибилити студијата за избор на најповолен модел за поставување на фотоволтаични централи на општински објекти на подрачјето на општина Охрид и отпочнување постапка за изработка на Физибилити студија за воспоставување јавно приватно партнерство, одлука за изработка на дигитални алатки за туристичка промоција на Охрид, беа донесени два ДУП, за УЗ 6 и УЗ 12 и 11 легализации на бесправно изградени објекти.