Skip to main content

Одржлива урбана мобилност за зелени градови

Одржлива урбана мобилност е приоритет на ЕУ со цел да се намали загадувањето во градовите. Земјите од Западен Балкан ја прифатија европската зелена агенда и партнерски треба да работат на спроведување на целите. Зелените решенија за урбан транспорт се тема на која во Охрид дискутираат претставници на Еу, од акдемската средина, експерти, од Меѓународна транспортна заедница и од Општина Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Размена на добри практики за одржлива урбана мобилност, климатска адаптација и дигитални решенија во јавниот транспорт со фокус на Западен Балкан се темите на конференцијата „Green Urban Transport Solutions“ ( Зелени решенија за урбан транспорт) чиј домаќин е Охрид.

Паралелно со развој на инфраструктурата треба да се решаваат и проблемите во транспортниот сектор со воведување одржливи решенија во градовите и целата држава. За да го постигнеме тоа мора да фатиме приклучок со европските и светските текови во поглед на намалување на загадувањето, истакна Методија Атанасовски – Продекан за наука на Техничкиот факултет – Битола.

Мое мислење е дека државата треба да размисли прво да ја подобри патната инфраструктура и во рамките на градовите да ги реши горливите прашања за да можеме да фатиме приклучок. Сепак тоа е врзано со политички одлуки и инвестициите во транспортот бидејќи тоа заедно со енергетиката е еден од главните столбови на секоја држава. Државата треба да смогне сили и доста да вложи во оваа област , еве и во делот на замена на сообраќајните средства за превоз и во делот на решавање интегрално на превозот како по градовите така и меѓу градовите.“ – истакна Методија Атанасовски– Продекан за наука на Техничкиот факултет – Битола.

Земјите од Западен Балкан се согласија на спроведување на зелената агенда на ЕУ и нејзините цели за климатска неутралност. За да го постигнат тоа мора да воспостават партнерство при што унијата ќе помогне со развивање студии и експертиза, истакна Ивен Шад – Претставник од Секретаријатот за соработка при Германска амбасада во Тирана.

Точно е дека транспортот допринесува за зголемување на емисиите на јаглерод диоксид и тоа не е факт само за Северна Македонија туку за сите западнобалкански земји, меѓутоа за среќа има алтернативи кои што можат да работат на намалување на овие емисии. Можеме да говориме малку повеќе за урбаната мобилност, малку повеќе да се фокусираме на бројот на индивидуални возила, исто така да говориме за зголемување на бројот на пешаци и велосипеди. Кога зборуваме за поврзаноста помеѓу земјите на западен Балкан и коридорот 8, зборуваме малку повеќе за поголемо користење на железничкиот превоз и транспорт за патници и стоки.“ – кажа Ивен Шад – Претставник од Германска амбасада во Тирана.

Интеграција на транспортниот пазар на Западен Балкан во Европа преку воведувањна европските стандарди, закони и лиценци со цел формирање една голема унија која го обединува транспортниот сектор е целта на Меѓународна транспортна заедница. Оваа организација работи на создавање платформа за воведување чисти автобуси во земјите од Западен Балкан односно градски автобуси без емисија на штетни гасови.

Одржливата мобилност е целта која сакаме да ја постигнеме и за тоа постои стратегија. Одржлива мобилност значи да донесеме е-транспортни решенија кои ќе значат поголема посветеност кон зелената агенда.. Кога зборуваме за градовите знаеме дека нашите градови се едни од најзагадените во Европа и знаеме дека транспортот е еден од најголемите загадувачи и затоа е многу важно да најдеме решенија кои ќе носат нула емисии. Минатата одина нашите министри донесоа една декларација за чисти автобуси, работиме со ЕУ да видиме како можеме да имаме почисти автобуси на нашите патишта.“ – изјави Недим Беговиќ – Меѓународна транспортна заедница.

Охрид, како значајна туристичка и културна дестинација, активно работи на унапредување на целокупната инфраструктура и создавање поеколошки и поудобни услови за движење на граѓаните и посетителите. Преку различни иницијативи и планови активно работиме на развој на една поодржлива урбана мобилност, која е неопходна за современиот начин на живот, истакна Перчо Божиновски – Претседател на Совет Општина Охрид.

Урбаната мобилност е приоритет на Општина Охрид. Имаме план за урбана мобилност и тој е вклучен во сите активности кои ги спроведуваме без оглед дали се работи за сообраќајно решение, инфраструктурен проект или прашања од животната средина. Сите проекти кои досега сме ги реализирале како ул Македонски Просветители, 7-ми Ноември , се улици каде што е застапена урбаната мобилност и се внимавало на сите работи кои се во заштита и негување на животната средина од сообраќајното решение, велосипедските патеки како побезбедна средина за живеење.“ – посочи Перчо Божиновски – Претседател на Совет Општина Охрид.

Во рамки на конференцијата, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на панел дискусии, интерактивни сесии и студиски посети на терен, кои ќе прикажат иновативни решенија применети во Охрид. Конференцијата е организирана во соработка со Транспортната заедница, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола и CIVINET Slovenia-Croatia.