ОЕМУЦ повторно најдобар на Балкан Јуниор во конуренција на училишта од 6 земји
На меѓународниот натпревар од областа на електротехниката и мехатрониката „Балкан Јуниор 2023“ кој се одржа на 19.05.2023 година во Никшиќ, Црна Гора, тимот на ОЕМУЦ „СВ. Наум Охридски“ составен од учениците Бојан Петроски од образовниот профил Техничар за производно машинство и Наум Алачоски од образовниот профил Техничар за компјутерско управување под менторство на професорите Наташа Јанкоска Китани и Ангеле Буџакоски го освои првото место.
Првото место е освоено во конкуренција на средните училишта од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Турција и Романија.
БАЛКАН ЈУНИОР претставува меѓународен натпревар од областа на електротехника и мехатрониката. Целта на проектот е поврзување на стручните училишта од областа на машинството и електротехниката како и размена на нивните искуства, промовирање на меѓукултурната соработка и запознавање со начинот на образование и животот во други држави. Овој проект како свои цели ги има поставено унапредувањето на знаењето и споредување со други училишта, подигнување на нивото на знаења и компетенции на учениците и наставниците во средните стручни школи како и потикнување на креативноста. Натпреварот се реализира секоја година во едно училиште од редот на училишните партнери. При тоа од секое училиште учествуваат по двајца ученици и ментори.
Општинскиот Електромашински Училиштен Центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид ја имаше честа да биде домаќин на седмото интернационално натпреварување “Балкан Јуниор” во 2019 година .