ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ги презентира предностите на техничкото образование пред идните средношколци
Славчо Мургоски и Андреа Савиќ, ученици во ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“, изработија и програмираа машина, подвижна лента со сензори кои детектираат боја. Машината ја составија во рок од 4 часа на меѓународниот натпревар за електротехника, инженерство и мехатроника Балкан јуниор, кој се одржа неодамна во Словенија и за што освоија прво место. Денеска проектната задача која им донесе злато во конкуренција од ученици од технички училишта од 7 држави ја презентираа пред идните средношколци на Отворениот ден на училиштето.

„Прво можам да кажам дека ми е многу мило што се зближивме со децата учесници на натпреварот од поширокиот регион на Балканот и можевме исто така да направиме една споредба до каде сме ние во техничките струки во споредба со нив. Според резулататите кои ги постигнавме таму можам да кажам дека сме прилично добри. И задоволство ми е што учествував на овај натпревар.“ – изјави Славчо Мургоски, образовен профил Електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

„ Овај натпревар беше едно интересно и важно искуство за мене. Содржеше конструирање, изработка и прогрaмирање на една машина и при тоа клучна беше тимската работа , исто таква брзото размислување, решавање на проблемите тековно како што настануваат во моментот. И имајќи предвид дека на натпреварот имаше само две девојчиња, а и по повод отворениот ден во училиштево би сакала да им порачам на сите полуматурантки што размислуваат за кариера во STEM областите, да се охрабрат да го следат тој пат , да се запишат во ОЕМУЦ Св Наум Охридски, бидејќи во државава ни се потребни повеќе жени инженерки. “ – изјави Андреа Савиќ.
Ученикот Наум Смилевски пред полуматурантите од охридските основни училишта претстави производен процес со подвижна основа и CNC машина за пишување и механизам за машинско сечење на цртаниот дел. Со оваа машина која сам ја изработи тој го освои првото место на 62. Државен натпревар на млади истражувачи во категоријата aвтоматика и роботика.

„ Овај натпревар беше големо искуство за мене затоа што целата машина сам ја склопив. Ја склопував од зимскиот распуст кога започна проектот и дури се набават сите делови. И сум многу задоволен од успехот што го постигнав.“ – изјави Наум Смилевски.



Ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ освоија вкупно четири први места на Државните натпревари од електротехничка, машинска и сообраќајна струка. Бенефитите од учеството на натпревари и во проекти се огромни и за децата и за училишниот центар, вели професор Владо Јанкулоски од електротехничката струка. Учениците впиваат сѐ што ние како ментори имаме да им пренесеме како знаење, вложуваат многу труд , работат посветено и тоа неминовно носи успех, посочува Јанкулоски.

„Сите нијанси кои ги дознаваме од самите натпревари ги спроведуваме во наредните учебни години во подобрување на квалитетот на изведување на наставата. И меѓународните и државните натпревари се со иста цел и корист за нас како Центар и пред сѐ тука најважни се учениците како основа во која вложуваме за подобро, поквалитетно образование. Учениците имаат потенцијал, впиваат сѐ што ние го искажуваме како ментори и го реализираат успешно. Во тоа се состои успехот, само во труд и работа.“ – изјави професор Јанкулоски.
Проектите се една од најважните компоненти во електромашинскиот училиштен центар, и не само оние поврзани со стручните предмети туку активни сме во сите сфери како екологија, граѓански активизам, мултикултура, вели директорот Сашо Недески. Посочува дека наставниот колегиум постојано е во потрага по некоја новина што може да се примени во Центарот со цел да се подобри квалитетот на наставата и условите. За скоро време ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“ ќе добие модерна училишна работилница со современо уредени и опремени кабинети.

„ Моментално се работи комплетна реконструкција на училишната работилница. Во фаза сме на инфраструктурните зафати, отстранети се подовите и таваните кои ќе се заменат со нови и тоа електростатски под за електро струка, индустриски под за кабинетите за машинска струка, нова електро, интернет и воздушна инсталација за компресори како и соодветна опрема и уреди како роботска рака, 3D принтери, осцилоскопи и CNC машини. Во склоп на работилницата комплетно ќе биде опремена и една автомеханичарска работилница.“ – изјави директорот Недески.


Денеска овој образовен центар беше посетен од ученици од повеќе основни училишта во Охрид пред кои беа промовирани предностите на техничкото образование и иновациите, а акцент беше ставен и на дуалното образование како спој на теоријата и практична работа во комнпании, кое во “Св Наум Охридски” се спроведува цели 8 години.