Ученици од ОЕМУЦ освоија прво место за најдобра социјална иновација за 2026 год со идејата „Мој Охрид“

Голем успех за охридските средношколци на Националниот ЛАПСИ форум 2026 – „Од младински идеи до локални решенија“, каде што учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го освоија првото место за најдобра социјална иновација за 2026 година со идејата „Мој Охрид“.
Победничката идеја претставува дигитална платформа преку која граѓаните и посетителите ќе можат да пријавуваат проблеми во јавниот простор со фотографија и точна локација, а притоа да го следат статусот на пријавата и нејзиното решавање. На овој начин се воспоставува директна врска меѓу граѓаните и локалната самоуправа, со цел поголема вклученост на заедницата во подобрувањето на секојдневното живеење.

Покрај победничката идеја „Мој Охрид“, младите охриѓани на националниот форум ги претставија и идеите „Охрид на платно“ и „Еко Охрид“, со кои исто така се натпреваруваа во конкуренција на младински социјални иновации.
На форумот беа претставени вкупно 27 финални иновативни идеи од осум општини во Македонија. Настанот, кој се одржа во Скопје, е завршна активност на проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации, во организација на Институтот Охрид.
Во изминатите месеци, преку три циклуси работилници, истражувања и тимска работа, младите работеа на препознавање на проблемите во своите заедници и креирање конкретни решенија. Од вкупно 58 развиени оригинални идеи, 27 беа избрани за националното финале.
Целта на проектот е да се поврзат младите со локалните и државните институции и да се создадат можности нивните идеи да прераснат во конкретни решенија за подобрување на животот во заедниците.








