Skip to main content

Балкан јуниор 2022

ОЕМУЦ Св. Наум Охридски најдобри на Балканот

Мухамед Асан од трета година од образовниот профил техничар за индустриска мехатроника и Петар Цаноски од трета година од образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески го освоија златниот пехар на меѓународниот натпревар „Балкан Јуниор 2022“ во Романија.
 |  инфодеск  | 
Емуц натпревар

Петар Цаноски и Мухамед Асан ученици од трета година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ се вратија со златен пехар од меѓународниот натпревар од областа на електротехниката, машинството и мехатрониката „Балкан Јуниор 2022“ кој се одржа во Констанца, Република Романија. Тие се убедливо најдобри помеѓу средношколците од 5 средни технички училишта од Македонија, Србија, Словенија, Турција и Романија.

Овој натпревар се одржува 8-ми пат и оваа година нам ни припадна честа да го освоиме првото место. Посебно ми претставува задоволство затоа што токму по струката мехатроника која ја воведовме пред 4 години во дуално образование го постигнавме овој врвен резултат – изјави Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Емуц натпревар

Натпреварот се состои од теоретски и практичен дел односно борба на програмирани сумо роботи. Учениците имале еден месец да се подготват за теоретскиот дел кој опфаќа 6 предмети, а паралелно учествувале и на регионални и државни натпревари. Во меѓувреме го изработиле и роботот. Морале да ги запазат зададените препораки како 500 гр максимална тежина, димензии 10 на 10 см, но учениците и нивните ментори не биле ограничени во поглед на тактиките и колку сензори ќе користат.

Составивме робот кој има два фото сензори, еден ултразвучен сензор, мотори кои ги движат тркалата, процесор. Навистина имавме силна конкуренција и покрај тоа што другите екипи имаа готови роботи, а ние бевме со рачно изработен и на крај успеавме да бидеме први – кажа Петар Цаноски, образовен профил Електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

Многу сме среќни што го освоивме првото место. Овој пехар што го добивме сакаме да биде инспирација за другите генерации, да се надеваме дека ќе освојуваат уште поголеми награди – изјави Мухамед Асан, профил Техничар за индустриска мехатроника.

Емуц натпревар

Учениците за постигнатиот успех упатија јавна благодарност до своите ментори, професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески.

Идејата да се учествува на овој натпревар е да се споредиме како стоиме во споредба со другите технички училишта во регионов, на Балканот. Можеме да кажеме дека ние сме на врвот, меѓу најдобрите средни стручни училишта затоа што со секое учество на натпреварот ние напредуваме. Презадоволен сум од залагањето и успехот на учениците, нивниот интерес и желбата да напредуваат – истакна проф. Љупчо Балески.

Од моја страна им честитам за нивната храброст и нивниот голем труд и залагање за краток временски период да постигнат ваков резултат. Не е едноставно да се биде учесник на ваков натпревар. Целта е исполнета. Сметам дека во нашиот училишен центар се исполнети сите услови да имаме да имаме голем капацитет и потенцијал и секој проект носи позитива за училиштето, учениците и градот – кажа проф. Владо Јанкулоски.

Емуц натпревар

Победничката екипа упати благодарност до раководството на училиштето и останатите професори  за техничката, финансиската и морална поддршка за учеството на овој квалитетен меѓународен натпревар.