Офанзива со цветни бомби на првиот ден на пролетта
Денеска на првиот ден на пролетта низ целата држава се реализираше акцијата „Фрли цветна бомба“. Иницијатор е Сезер Акин производител на органска храна од Охрид.
Организатор е „Слоу фуд Македонија“, а се вклучија локалните слоу фуд конвивиуми, здруженија и училишта. Изминатава недела се подготвуваа цветните бомби. Тоа се топчиња составени од комбинација на компост, глина и семиња. А денеска истите се фрлаа на локации, ниви или покрај патишта.
Време е да направиме индивидуален чекор за нашата околина. Македонија ќе цвета со нашата љубов. Предизвикот „Пролетна офанзива Фрли Цветна Бомба“ е да ја подигнеме свеста за драматичното опаѓање на опрашувачите и биодиверзитетот заради употреба на токсични пестициди и монокултури и да ги охрабриме луѓето да преземат активности за подобра иднина – велат организаторите.
Меѓу многуте кои го прифатија предизвикот беа и дечињата од ОУ „Св Климент Охридски“ – Охрид. Низ интересно предавање од членовите на ,,Слоу Фуд” – Охрид тие учеа за значењето на храната, значењето на опрашувачите за биодиверзитетот и медоносните цветови. Направија цветни топчиња, бомбардираа необраснат дел во висорамнина, во близина на училиштето и со нетрпение очекуваат да никнат првите цветови.
Во Охрид на пролетната офанзива се приклучија и членовите на здружението „Добротољубие“ кои се потрудија оваа пролет да расцвета просторот околу црквата Св. Ѓеорги.