Огненоски: Со повеќе резултати, а помалку изговори, да го вратиме животот во Дебрца
Даниел Огненоски, кандидат за Градоначалник на Општина Дебрца од ЛДП и коалицијата „Искуство за успех“ денеска на прес конференција порача дека доколку ја добие довербата на граѓаните неговиот главниот фокус ќе биде ставен на подобрување на условите за живот, развој на туризмот и отворањето на нови работни места преку земјоделство и грантови и привлекување на странски инвеститори. Од 8000 жители, во Дебрца моментално има околу 3000, што е навистина поразителна бројка и тоа мора да се смени, потенцира Огненоски.
„ Како советник во Општина Дебрца во три мандати имам искуство и визија, имам проекти, мислам дека знам да ја водам Општина дебрца во вистинска насока. Клучно за Општина Дебрца е да го вратиме населението кои изминативе години се исели и смена лични карти во Охрид. Ние имаме конкретни проекти кои треба да влијаат на тоа. Планирам поддршка за реконструкција на секој дом во селата во Општина Дебрца кои се напуштени.“ – кажа Огненоски.
Дебрца, како рурална средина, во изминативе години недоволни ги искористи европските фондови за развој на селата, земјоделството и малите бизниси, рече Огненоски. Според него главна пречка за тоа бил недостигот од планска документација, поради што многу жители не можеле да аплицираат за европски средства. Огненоски најави отворање на посебна канцеларија во општината за бесплатна помош на жителите, земјоделците и малите бизниси за аплицирање за грантови и европски фондови. Најави и проект за поквалитетен живот на повозрасните жители.
„Како приоритетен проект сакам старото училиште кое се наоѓа пред селото Сливово да го реконструирам и да го пренаменам во Дом за стари лица. Друг приоритетен проект, сакам во Општина Дебрца да воведам мобилна амбуланта и аптека со што секое село еднаш неделно ќе добива примарна здравствена заштита и лекови. Како трет проект сакам да ви соопштам дека сакам да го исчистам старото корито кое е оставено да се распаѓа во село Слатино, значи Слатинското езеро да се врати во потребниот сјај, да се пушти во употреба браната и да се наполни.“ – наброја Огненоски.
Програмата и ставовите сум спремен да ги бранам на дебата, истакна Огненоски и јавно ги покани своите противкандидати на соочување. Огненоски ги повика жителите на Дебрца за, како што рече, повеќе резултати, а помалку изговори да го поддржат на 19-ти октомври со заокружување на број 1 на гласачкото ливче за Градоначалник и на советничката листа на ЛДП и Коалицијата „Искуство за успех“ со носителот Ромео Пецоски.