Огревно дрво на рати за пензионерите од регионов
Пензионерите од Охрид и Дебрца иако поспоро поради големата побарувачка, сепак навремено се снабдуваат со огревно дрво, информираат од Здружението на Пензионери на Охрид и Дебрца.
Ние како здружение на овој план, сме поорганизирани од многу други здруженија во земјава, бидејќи за подобрувањето на животниот стандард, имаме формирано и Клуб на пензионери согласно Законот за трговски друштва преку кој клуб на одреден број рати ги снабдуваме пензионерите со огревно дрво и со други одредени артикли – истакна Ѓорѓи Трпчески, претседател на ЗП на Охрид и Дебрца.
Покрај снабдувањето со огревно дрво и прехранбени производи, од Здружението на пензионерите на Охрид и Дебрца се грижат да се направат хуманитарни пакети со намирници за оваа старосна категорија граѓани, посебно оние кои имаат ниски пензии, кои се осамени и живеат во руралните средини.
Повеќе хуманитарни пакети се дистрибуирани до пензионерите коишто живеат во руралните средини отколку во градот. Правиме напори преку на претседателите на нашите месни ограноци кои ги имаме во тие средини, да ни достават списоци со најзагрозените пензионери, па ги дистрибуираме пакетите според доставен список за најзагрозени жители од страна на престедателите на месните ограноци – вели Трпчески.
Здружението на пензионери веќе има потпишано меморандуми за соработка со општините Охрид и Дебрца, се со цел да се интервенира во рамките на нивните можности, онаму каде што најмногу има потреба.
Од здружението информираат дека во изминатиот период, во условите на пандемија се зголеми времето на чекање за исплата на посмртна помош на семејствата на починатите корисници на пензија, но сега тоа е веќе надминато и исплатата тече редовно, редоследно со поднесување барање од семејството на починатото лице.