Охридското Езеро ќе биде порибено со милион единки подмладок на охридска пастрмка
По 6 години застој повторно се спроведува вештачки мрест на охридската пастрмка. Планирано е Охридското езеро да биде порибено со над еден милион единки подмладок од ендемичната пастрмка. Во тек се активностите за излов на полово зрели единки пастрмка и собирање икра, на кои денеска на увид беше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Tрипуновски.

„Оваа активност е многу важна за нас како Министерство, како држава бидејќи со ова се зачувува охридската пастрмка како едно од нашите национални богатства. Продолжуваме да ја водиме оваа активност веќе од наредната година и со зголемена сума на финансиска поддршка што ќе значи и зголемен број на едински со коишто ќе биде порибено Охридското езеро.“ – изјави министерот Трипуновски.
Хидробиолошкиот Завод од Охрид и Институтот за сточарство од Скопје според договорите склучени со Министерството земјоделство, шумарство и водостопанство треба обезбедат 1 милион и 50 илјади зрна икра, кои ќе се одгледуваат во инкубаторите на Хидробиолошкиот завод и на мрестилиштето во Шум кај Струга.

„ Мрестот започна на 16ти јануари, оди со предвиденото темпо, имаме одлични резултати. Досега во моментов се собрани 255 000 зрна икра коишто се веќе сместени во инкубаторите на Институтот, а квотата којашто за оваа година беше предвидена според договорот со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е вкупно 600 000 зрна икра. Како што спомна министерот, се надеваме на повисоки средства за следната година и секако поголем ефект во однос на собирањето на икра порибувањето на Охридското езеро.“ – Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошки завод Охрид.

Министерот Цветан Трипуноски и научниците од Хидробиолошкиот Завод сметаат дека со отсуството на вештачки мрест изминатите 6 години е нанесена штета на фондот на овој вид ендемична риба. Истражувањата на заводот спроведени во 2021 и 2022 додина за регистрација на промените во популациите на охридската пастрмка покажале дисбаланс во однесувањето, начинот на исхрана и нивниот животен циклус.
„Доколку продолжеше овој тек на неисполнување на нашата активност односно вештачки мрест и порибување со охридска пастрмка секако дека загрижувачка би била состојбата. И во моментов е загрижувачка, меѓутоа ние се надеваме дека ете чекор по чекор, полека ќе успееме барем со она колку што можеме ние секако и природата е во прашање и хидролошките услови во регионот, административни и технички проблеми кои се провлекуваа во текот на изминатите години, но надежно е дека нешто ќе биде постигнато.” – кажа Тасеска.

Хидробиолошкиот завод врши вештачки мрест во регионот Трпејца, Пештани и Охрид, додека паралелно Институтот за сточарство чија квота е 450 000 зрна икра, ќе врши мрест и порибување на струшкиот дел Калишта Радожда и Струга.