Skip to main content

Охридските пожарникари имале најголем број интервенции на опожарени оџаци

Изгаснале 77 опожарени оџаци на куќи и станбени згради. Во текот на овој месец изгаснале 6 опожарени контејнери на градските улици, а во текот на 2020 дури 24 пати интервенирале на гасење контејнери во градските средини.

 |  Валентина Неловска  | 

 

260 интервенции имале охридските пожарникари од ТППЕ Охрид од почетокот до 22 декември оваа година. Интервенирале на 121 пожар на отворен простор и на 117 опожарени објекти. Пожарникарите изгаснале 77 опожарени оџаци на куќи и станбени згради. Во оваа календарска година за среќа немавме интервенци на пожари кои предизвикаа големи материјални штети, вели Спасе Прентоски, командир на ТППЕ ОХРИД. Прентоски додава дека досегашните нивни апели за редовно чистење на оџаците даваат резултати во намалување на пожарите, но потсетува и на важноста од редовно чистење на грејните тела во домовите.

„Апелирам и тврдам ако редовно еднаш во месецот ги чистат грејните тела и ќумците никогаш нема да дојде до палење на оџакот или во најмала рака ако дојде до палење ќе е минимална штетата на објектот каде што живеат“.

Во текот на овој месец пожарникарите изгаснале 6 опожарени контејнери на градските улици. Во текот на 2020 дури 24 пати интервенирале на гасење контејнери во градските средини, напоменува Прентоски.

„10 проценти од пожарите кои ги водиме на отворен простор се на контејнери сопственост на ЈП „Охридски Комуналец“. Сметам дека причина е несоодветно депонирање на пепелта од грејните тела на цврсто гориво. Неизгаснати жарчиња ги фрлаат во контејнерите“.

Командирот Прентоски апелира граѓаните кои користат дрва за греење или јаглен претходно да го изгаснат со вода пепелот со жар за да не дојде до палење и оштетување на контејнерите кои се наше заедничко општо добро. Командирот додава доколку се задржи ова ниво на пожари оваа година ќе има помалку 100 пожари споредено со истиот период од минатата година.