Секоја година фестивалот „Охридско лето” нè потсетува дека зачувувањето на Античкиот театар, со средства од ЕУ, денес ни овозможува домаќинство на многу културни настани на единствен локалитет, а истовремено Охрид го прави автентичен во културното наследство”, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворањето на панелот „Отворен Балкан ја отвора културата” во рамки на Самитот Отворен Балкан што се одржува денеска во Охрид.
Културата е област што опфаќа широк спектар елементи почнувајќи од традициите, обичајните верувања, заедничките вредности, наследството и уметноста во сите нејзини форми и области што го обликуваат идентитетот на една нација. Убавината на една култура е во тоа што таа постојано се развива и што секоја генерација придонесува за збогатување на културното наследство – рече Маричиќ.
Како што кажа Маричиќ другата убавина на културата е што таа не познава граници, таа е тема што ги обединува различните народи и ги зајакнува врските меѓу луѓето што е од клучно значење за надминување на сите разлики и подобро разбирање на нашите индивидуални карактеристики како нации.
Наша обврска е да вложиме напори за зачувување на културното и во истовреме да инвестираме во уметноста и креативноста на поединците како придонес кон развојот на културата, но и други области кои имаат директно или индиректно влијание врз култура како што се образованието и технолошкиот развој – истакна тој.
Министерката за култура на Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, потенцира дека Отворен Балкан е всушност широко отворен простор за културата и за уметноста.
Овој регион даде и дава врвни имиња од културата и уметноста. Добар дел од нив оставија трага и на европската, но и на светската сцена. Тие и најмалата шанса ја претворија во голема добивка за сите – рече Костадиновска Стојчевска.
Според неа културата одамна го проби патот на меѓусебна соработка и уважување и самата се избори за високо место на агендата на Отворен Балкан.
На денешната панел-сесија на покана на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствуваше и директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, според која Фестивалот преку размена на искуства и промоција на културата и уметноста продолжува да го гради успехот по кој чекори 62 години.
На панел-дискусијата за важноста на културата во рамките на иницијативата „Отворен Балкан” дискутираа и Елва Маргарити министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија.