Охрид ќе биде домаќин на меѓународниот саем за туризам-Скопје Травел Маркет
Туристичките работници од градов, ќе имаат можност да ја презентираат својата туристичка понуда на овој меѓународниот саем кој се одржува во рамките на познатиот Скопски саем.
Охридските туроператори како домаќини ќе ја претстават туристичката понуда на градов на петтиот по ред меѓународен саем за туризам-Скопје Травел Маркет. Денес градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од туристичкиот саем како и стопанската комора на Македонија за туризам, договорија, Охрид да биде домаќин на овој меѓународен саем кој се одржува во рамките на познатиот Скопски саем. Според Бакрачески, овој саем, во голема мера ќе придонесе во поефикасното промовирање на туристичката понуда на градов.
„Да ги презентираат своите туристички продукти, да ги презентираат своите понуди и она што за нас е особено важно, охридската локална самоуправа и секторот за туризам ќе им даде широка можност на сите оние чинители, почнувајќи од приватните станоиздавачи и станоиздавачите од помал обем, да ги презентираат своите понуди за престојната летна сезона и секако на сите оние туристички агенции и хотелиери да ги презентираат своите понуди и производи како во летната сезона, така и сезоната која следи потоа.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Претставниците од Скопски саем велат дека, на годинешниот меѓународен саем за туризам-Скопје Травел Маркет, Охрид ќе биде во центарот на вниманието на посетителите.
„Охрид како наша најголема туристичка дестинација со задоволство ќе биде во центарот на вниманието за време на овој саем кој е меѓународен, и во кој земаат учество повеќе држави, градови, туристички организации и туроператори. Зголемениот интерес на публиката ќе го насочиме токму на местото каде што ќе биде штандот на градот Охрид, да ги добие сите оние информации за да може публиката да дојде и да го посети овој прекрасен град. “-рече Валентина Димитрова-Скопје Травел Маркет.
Според претседателката на стопанската комора на Македонија за туризам, Лејла Крстевска, Скопје Травел Маркет во голема мера ќе придонесе за збогатување на туристичката сезона во Охрид со домашни и странски гости како и нејзино продолжување во есенските месеци.
„Стопанската комора за туризам и оваа година како и пред две години се јавува како партнер на саемот и она што сакаме ние да го направиме како комора е овој пат да ги зближиме и донесеме сите чинители на туризмот во Македонија на едно место, во Скопје, каде ќе може да се подготвиме за успешна туристичка сезона во Охрид, да дојдеме и да го посетиме Охрид во поголем број и да допринесеме за севкупно поубави и поуспешни приказни во туризмот во Македонија.“-изјави Лејла Крстевска-Стопанска комора на Р.М за туризам.
Инаку Меѓународниот саем за туризам Скопје Травел Маркет ќе се одржи од 7ми до 9ти Мај, а на него, покрај туристички работници од Македонија, учество ќе земат и претставници од Турција, Србија, Црна Гора, а поканети се и претставници од Иран, Египет, како и поединечни градови како Тиват и Банско.
{loadposition content9}