Ohrid Calling oд 29-ти до 1-ви август
20-тина диџеи на годинешниот Ohrid Calling, од 29-ти јули до 1-ви август ќе ја претворат Касарна- Охрид во бастион на електронскатa музика и добрата забава.
Во Охрид доаѓа Lost Frequencies со своите најголеми хитови, миленикот на македонската публика Vini Vici, најатрактивната ѕвезда Timmy Trumpet, пионерите на Big Room W&W, Dj`s from Mars, Will Sparks и многу други се дел од годинешното издание на фестивалот. Ohrid Calling по корона затишјето се враќа и ќе руши рекорди во посетеност, најави денеска сопственикот на Авалон Продукција, Бобан Милошески.
Фестивалот Ohrid Calling од година во година станува се поголем и поголем европски бренд. Од цела Европа доаѓаат луѓе, дури и од Јапонија има 11 резервации за карти коишто верувам дека се должат на двајца јапонски диџеи кои јас не ги ни знам кои се, но факт е дека од цел свет доаѓаат луѓе. Многу родители во Македонија имаат проблем со децата затоа што годишните одмори ги планираат според Ohrid Calling и навистина мислам дека Охрид наредниов викенд ќе биде голем европски центар кога е електронската музика во прашање и овој тип на настани – истакна Милошески.

Организаторот Милошески се заблагодари на Општина Охрид за поддршката со заеднички интерес растежот на фестивалот и градењето на имиџот на градот. Охрид ова лето ќе биде еден од најатрактивните туристички центри во регионот кој може да се пофали со музичка забава и концертни настани од светски ранг, истакна Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Со организирањето на овај фестивал Охрид зазема препознатливо место на мапата на музички настани и привлекува бројна публика од цела Европа. Четиридневното случување значително ја збогатува туристичката понуда за гостите и туристите кои веќе летуваат тука. Сметам дека оваа современа фестивалска приказна треба да продолжи да живее и да се надградува и затоа Општина Охрид го поддржува настанот отстапувајќи ја инфраструктурата. Верувам во капацитетот и искуството на Авалон и убеден сум дека и оваа година љубителите на електронската музика ќе уживаат во неповторливите музички настани и ќе понесат убави спомени од Охрид – вели Пецаков.
Градоначалникот Пецаков упати апел до посетителите и целокупната публика примерно да се однесуваат и да ги почитуваат сите мерки на безбедност пропишани од организаторите.
А до граѓаните на Охрид упати порака за големо трпение и гостопримливост кон гостите на фестивалот.

Додаде дека локалната е во постојана координација со комуналниот инспекторат, пазарната инспекција, полицијата и јавните претпријатија со цел успешно справување со сите предизвици кои следат традиционално околу Илинден во шпицот на сезонота.