Охрид со четиридневна прослава за Денот на Охридското Езеро

По повод Денот на Охридското Езеро, Општина Охрид подготви богата и разновидна програма исполнета со културни, спортски и забавни содржини, кои ќе се реализираат од 19 до 22 јуни 2026 година.
Настаните се посветени на одбележувањето на значењето и вредноста на Охридското Езеро како едно од најголемите природни богатства на Македонија, а програмата нуди активности за сите генерации.
Прославата започнува на 19 јуни со литературно-едукативниот проект за деца „Раскажи ми за езерото“, кој ќе се одржи во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – објект „Централна“, со почеток во 10:30 часот. Истиот ден, од 11:00 часот, во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи Фестивалот на поезијата и културата „Слушни го езерото“. Вечерта од 19 часот на плоштадот „Вангел Наумовски“ (мини маркет) ќе се одржи Книжевен хепенинг за деца со интерактивни работилници, мини саем на книги, а за весела атмосфера ќе се погрижат малите ѕвезди од детскиот фестивал Весели ѕвончиња.
На 20 јуни, од 10:00 часот на плажата Горица 1 ќе започне едриличарската регата „Заедно за иднината на езерото“, во организација на Акватика Јахтинг. Вечерта, во рамки на „Balkan Music Square“, во НУЦК „Григор Прличев“ со почеток во 20:00 часот ќе настапат ВИС „Билјана“ и Елена Христова – Баклава. Влезот за концертот е слободен.
Спортските активности продолжуваат и на 21 јуни со вториот ден од едриличарската регата на плажата Горица 1. Во вечерните часови, од 20:00 часот, во НУЦК „Григор Прличев“ концерт ќе одржи Владимир Василески – Четкар, исто така со слободен влез за посетителите.
На 22 јуни, во 19:00 часот почнува Креативна детска работилница „Охрид и Охридското езеро низ детските очи“и детски музички фестивал „Распеано Рибарче“ на плоштадот „Вангел Наумовски“.
Од Општина Охрид ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат дел од настаните и заедно да го одбележат Денот на Охридското Езеро преку музика, култура, едукација и спорт.
фото: Ѓоко Симјаноски



