Skip to main content

Охрид доби етнолошка поставка

Охрид доби  етнолошка поставка преку која посетителите ќе имаат можност да се запознаат со минатото на градот. Во Музејот Куќата на Робевци се изложени облека, накит, покуќнина и предмети од 19 век. Покрај етнолошката поставка изложени се и археолошки предмети од најновите истражувања на Плаошник, Самоилова тврдина и Горна Порта.

 |  Валентина Неловска  | 

За прв пат Охрид доби целосна етнолошка поставка во рамките на Музејот Куќата на Робевци. Збогатена е богата постоечка збирка од археолошки артефакти со над 700 предмети пронајдени со најновите археолошки истражувања на Плаошник, Самоилова тврдина и Горна порта. Покрај тоа акцент е ставен и на етнолошките предмети од минатото на градот. Презентирани се најатрактивни предмети и облека од 19 век. Изложена е облека изработена од кадифе и срма од периодот на Ала Турка и од Ала Франга од свила и тантела, пропратени со уникатен филигрански накит, но и предмети од покуќнина, информира за реализираниот проект Елеонора Новаковска директор на НУ Завод и Музеј Охрид.

„ Присутна е и селска соба со рабој, мало масиче, триножни столчиња, сите алати кои се користеле при изработката на разбој од 19 век. Сите експонати се во автентичен амбиент со мебел и резба, спална соба со ковчези, чеиз, рачни изработки и предмети за секојдневна употреба“, посочува Новаковска.

Посетителите сега ќе имаат можност преку етношолошите предемти да се запознаат со минатото на градот и животот на охриѓани пред скоро 2 века. Со збогатување на музејските поставки се очекува и зголемување на посетеноста на Куќата на Робевци. За тоа добар показател е посетеноста на туристите во месеците август и септември годинава кога се реализира поголема посета во споредба со истите месеци со години наназад, напоменува Новаковска.

„Со целосната поставка очекуваме во иднина и поголема посетеност, а во договорите со тур операторите, Музејот на Робевци да биде на листата објекти кои ќе ги посетуваат туристите кои доаѓаат во Охрид. Наназад година – две постојано пројавуваат интерес овој објект да се вклучи во туристичката понуда на градот,“ укажува Новаковска.

Музејот Куќата на Робевци покрај богатата археолошка поставка ја има и Златната соба.Во неа се изложени голем број на златни предмети пронајдени на археоелошките локалитети во Охрид. Музејот неколку години се реновираше со средства од Министерството за култура и сега со целосно обновен ентериер и осовременети поставки ги очекува бројните посетители