Охрид ќе добие двокатен панорамски автобус од Владата
Автобусот ќе се употребува за туристички цели и ќе ги пренесува туристите до познатите локации низ градов.
И Охрид ќе си добие двокатен панорамски автобус. Владата на последната седница донела одлука на општината да и додели еден од овие отворени двокатни автобуси. Тој ќе има капацитет од 60 седишта, а неговата намена се состои во промовирање на туристичките вредности на Охрид. Ќе се употребува за превезување на туристите од еден до друг туристички локалитет.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави ваквата одлука на владата. Од таму велат ова е еден од елементите кој на Охрид му недостасуваат во поглед на туризмот.
„За да можеме институционално тоа да го решиме, и јавно и институционално, кажуваме дека како советничка група ќе поднесеме точка на наредната седница на Совет, за да се донесе одлука за преземање во сопственост на движна ствар како што е овој двокатен, отворен автобус, со што ќе се создадат услови потоа општината да потпише договор за преземање со Министерството за транспорт и врски и да го добие во сопственост овој автобус и нормално потоа да го користи во туристички цели, и како еден од туристичките симболи на Охрид.“-вели координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Паноски.
Паноски додава дека во прв момент автобусот би го користела општината, а подоцна доколку се создадат услови, таа да може да го даде на користење на некоја туристичка организација.
Од локалната самоуправа пак беа изненадени од владината одлука да им биде доделен автобусот.
„Во локалната самоуправа на општина Охрид, немаме досега добиено писмен документ дека добиваме таков подарок и кои ни се обврските за да го примиме, и на крајот треба да се каже дека Охрид е најразвиениот туристички центар во Република Македонија и дека знае да ги прима подароците, но обврска на сите нас, особено оние што се на власт и сега во централната власт која ги има и најголемите конференции, да вложува во Охрид многу повеќе во автопати, железница, во големи инфраструктурни објекти, а овие како што се автобусот, и тие се добредојдени.“-рече портпаролот на локалната самоуправа, Симон Илиески.
Најверојатно ќе мора да ја почекаме наредната седница на Советот на општина Охрид, па да видиме дали ќе ги возиме туристите од локалитет до локалитет во ганц нов отворен панорамски автобус.
{loadposition content9}