Охрид домаќин на „Денот на спортот“ во рамки на ,,Плазма Спортските игри“

Во Охрид денеска се одржа „Денот на спортот“ во рамки на Плазма Спортските игри за млади, кои оваа година за првпат се реализираат во Македонија. Целта на овој спортски собир е да се испрати силна порака за значењето на спортот, дружењето и здравите животни навики кај младите.

Во обраќањето до присутните, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски истакна дека е особена чест што Охрид е домаќин на оваа значајна регионална спортска манифестација, особено во период кога градот го слави големиот успех на охридскиот ракомет и освојувањето на европскиот трофеј. Тој нагласи дека спортските игри претставуваат одлична можност за младите да се дружат, да ги развиваат своите способности и да ги усвојуваат вредностите на фер-плејот, тимската работа, дисциплината и меѓусебната почит. Притоа посочи дека поддршката на младите и спортот останува еден од приоритетите на локалната самоуправа, бидејќи вложувањето во децата значи вложување во подобра иднина за целата заедница.


На свеченото отворање присуствуваа претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска и претставници на партнерите на проектот.


Дел од спортскиот настан беа и познати охридски спортисти, меѓу кои поранешниот фудбалер Драган Бочески, боксерот Наум Стојаноски и капитенот на ГРК Охрид, Иван Тасески, кои симболично го запалија оганот на спортките игри.

Во рамки на настанот во Охрид беше реализиран и спортско-едукативниот проект „Zero Waste – Бидете дел од играта, да ја заштитиме нашата планета“, кој преку спорт и интерактивни активности ги едуцира младите за важноста на заштитата на животната средина и правилното селектирање на отпадот. Проектот се спроведува за подигање на еколошката свест кај најмладите.

Освен Охрид, Спортските игри за млади претходно се одржаа во Скопје, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола.




