Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска беше домаќин на професори и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ и нивни колеги и соученици од Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска. Тие преку ЕРАЗМУС Плус програмата заеднички го реализираат проектот „Наша култура, наша иднина“.
Во дел од своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков, истакна:
Огромна е честа да се присуствува на овој настан и да се биде домаќин на професори и ученици од неколку европски земји Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои во наредниве неколку дена одблиску ќе се запознаат со културата, традициите и обичаите од нашето поднебје. Уште поголемо е нашето задоволство што ООУ „Ванчо Николески“ како дел од ЕРАЗМУС Плус програмата неколку години по ред преку образовна мобилност ни носи Европски искуства во нашиов образовен процес – истакна градоначалникот Пецаков.

„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Затоа не скршнувајте од патот на кој веќе сте тргнале. Учете и крадете знаење. „Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад.“, вели Пецаков.
Драги присутни наредниве денови во рамки на проектот „Нашата култура, наша иднина“ вие ќе се запознаете со културните знаменитости на древниот Охрид, со традициите и обичаите кои со векови се негувале на ова поднебје. Верувам дека процесот на спознавање ќе го прифатите со задоволство – кажа првиот човек на Охрид, во дел од неговото обраќање.
Гостите од неколку европски земји кои се дел од проектот во градов ќе останат пет дена и одблиску ќе се запознаат со неговите убавини, култура и традиции.

ООУ „Ванчо Николески“ од с. Лескоец и претходно беше дел од ЕРАЗМУС проекти. Преку програмата „Стратешки партнерства за училишна размена“ се реализираше проектот „Бришење бариери преку споделувања богатства“, а претходно се реализираше проектот „Чиста природа – долг живот“.