Охрид домаќин на состанок на Мрежата на Монтреалскиот протокол за Европа и Централна Азија
Во Охрид се одржува Третиот состанок на Мрежата на Монтреалскиот протокол за земјите од Европа и Централна Азија (ECA). Целта на мрежата е редукција и елиминација на супстанциите контролирани од Протоколот кои го осиромашуваат озонскиот слој.
Во рамки на настанот, на Министерството за животна средина и просторно планирање му беше доделена награда за успешно координирање на активностите поврзани со имплементација на Монтреалскиот Протокол.
Со состанокот на земјите од Европа и централна Азија, се одбележува 20 годишнината од првиот состанок на Мрежата, која овозможува континуирана соработка и споделување на искуства при имплементација на Протоколот.
„Нашата држава редовно учествува во активностите за подобрување на функционирањето на Мрежата, разменувајќи искуства и информации со земјите од Регионот. Министерството за животна средина и Канцеларијата за заштита на озонската обвивка активно работат на успешна имплементација на обврските зададени со Монтреалскиот Протокол и неговите Амандмани. Континуираната поддршка на засегнатите чинители, контролата на увоз и извоз на загадувачките супстанции, поддршката на шемата за собирање и рециклирање, соодветните обуки и работилници се само дел од активностите кои се спроведуваат со цел навремена редукција и елиминација на супстанциите контролирани од Протоколот“, истакна министерката Шукова во поздравното обраќање на вчерашното отворање на состанокот.
Состанокот ќе трае до 29 април. Мрежата на Монтреалскиот протокол за земјите од Европа и Централна Азија (ECA) е формирана пред 20 години во Охрид, на иницијатива на нашата земја.