Skip to main content

Охрид ќе биде домаќин на Techstars Startup Weekend – 25-27 април 2025

Techstars Startup Weekend е уникатен настан каде учесниците – програмери, дизајнери, маркетери и млади претприемачи – ќе имаат можност да работат на развој на свои стартап идеи, водени од искусни ментори и експерти од индустријата. Билетите за учество се достапни од денеска, а бројот на карти е ограничен на 50.
 |  инфодеск  | 

Охрид оваа пролет ќе биде центар на иновациите и претприемништвото. Oд 25 до 27 април 2025 година ќе се одржи Techstars Startup Weekend Ohrid.

Овој глобален концепт, кој инспирира илјадници претприемачи што се во почетна фаза ширум светот, трет пат по ред се случува и во иновативниот Охрид, нудејќи тридневно интензивно искуство за сите оние кои сакаат да ја трансформираат својата бизнис идеја во реалност.

Techstars Startup Weekend е уникатен настан каде учесниците – програмери, дизајнери, маркетери и млади претприемачи – ќе имаат можност да работат на развој на свои стартап идеи, водени од искусни ментори и експерти од индустријата. Преку брз и динамичен процес, тимовите ќе развијат прототипи, ќе тестираат концепти и ќе ја презентираат својата финална идеја пред жирито во недела навечер.

„Startup Weekend е совршена можност за секој што сака да направи разлика – без разлика дали е студент, професионалец или ентузијаст за технологија и иновации. Охрид, со својата уникатна енергија и потенцијал, е совршена локација за развој на стартап заедницата“, изјавија организаторите на овој настан.

Настанот ќе се одржи во просториите на ко-организаторите на овој настан односно во Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле“ ул.Партизанска б.б. и ќе биде отворен за сите што сакаат да учествуваат. Билетите се достапни од 24.02.2025, а бројот на карти е ограничен на 50.

За сите учесници организаторите подготвија специјални изненадувања, а најдобрите три тима ќе освојат вредни награди. Прво, второ и трето место ќе бидат наградени со престижни награди кои ќе им помогнат да го развијат својот стартап и да го продолжат своето претприемачко патување.

Сите заинтересирани можат да се пријават како поединци, без разлика дали имаат веќе дефинирана идеја или не. За тимовите што се пријавуваат заедно, достапна е промотивна цена. Исто така, за сите учесници ќе бидат обезбедени храна и пијалоци за време на целиот викенд.

Ги покануваме и охрабруваме сите заинтересирани и сите што го поддржуваат претприемништвото да станат дел од овој единствен годишен настан и да придонесат кон развојот на иновативната заедница, порачуваат организаторите.

За повеќе информации, контактирајте: swohrid@gmail.com