Охрид домаќин на првиот конгрес на физиотерапевти
За прв пат Здружението на професионални физиотерапевти од РМ од 17 – 20 септември во Охрид одржуваат Конгрес. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со многу нови достигнувања во рехабилитацијата, неврофизиотерапијата, хипорехабилитација и многу други области, кои се од интерес за физикалната медицина.
Охрид домаќин на првиот конгрес на здружението на професионални физиотерапевти на РМ. Претседателот на лекарската комора на РМ, проф. Д-р Кочо Чакаларов, истакна дека физиотерапевтите се луѓе без кои физикалната медицина не би можела да биде успешна. Професионалните терапевти немаат докторска титула, но тоа се луѓе кои идејата на докторот по физикална медицина ја реализираат во стварност, било да се работи за мануелна масажа, примена на ултразвук во рехабилитацијата или кога се работи за галвано, термо и франго терапија, нагласува д-р Чакаларов.
„Во последно време нивната работа станува се пософицистирана заради тоа што ортотиката почнува да зема поголемо значење, на ниво на очи, правилно гледање, на ниво на различни протези кои ги применува физикалната медицина кои се повеќе добиваат врска со мозокот па можат да ги контролираат движењата на отсутните екстремитети преку протезите, итн. Можеби тоа изгледа како далечна фантастика но во светот интензивно се работи на овој проблем“ – вели д-р Чакаларов.
Партнер на првиот конгрес на физиотерапевти е здружението на граѓани за лица со ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“. Претседателката на здружението Ребека Јанковска Ристески истакна дека треба да се подигне свеста на луѓето да се вклучат во интервенција и работа на лицата за посебни потреби, бидејќи физиотерапијата е составен дел од рехабилитацијата и помагањето на лицата со пречки во развој.
„Фали едукација во многу сфери, можеби не се зборува толку често, но физиотерапијата има и други димензии. Како на пример терапијата во вода, хипотерапијата кои што кај нас се во зародиш, значи нашето здружение е пионер во тоа и ние први го работиме во Македонија иако во регионот на големо се работи во овие две насоки и ние каскаме само зад нив и искрено имаме проблем со наоѓање на волонтери кои сакаат да помогнат, свесноста за волонтеризам е на многу ниско ниво“ – нагласува Ристески.
Размената на искуства во петтиот степен на случувањата на здравјето, физиотерапијата, е можност да се унапреди и подобри положбата на физиотерапевтите во секоја земја од бившите југословенски простори, смета Крста Ковачевиќ, претседател на здружението на физиотерапевти од Црна Гора.
„Може да кажеме дека е на високо ниво бидејќи сме застапени во примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита. На пат сме приватната пракса да ја легализираме, во смисла на донесување на закон за физиотерапевтската дејност како нашата пракса законски би била заштитена, а пред се, нас праксата да ни биде дозволена, мислам на физиотерапевтите кои имаат квалификувани дипломи, не на приучените физиотерапевти“ изјави Ковачевиќ.
Во соседна Србија како што кажа Бојан Тасиќ, нивната работа почнувала од неонатологијата, односно покривале популација од тукушто родени деца па до најстара возраст.
„Нормално физиотерапевтот треба да биде присутен од самото раѓање на детето, затоа што се повеќе деца се раѓаат со разни аномалии, со пореметен развој, и ако физиотерапевтот не е член на тимот, тогаш тоа може да се искомплицира, да се створат некои деформитети кои покасно се неизлечливи ако се тргне од почетокот со тие деца да се работи резултатите се други и многу проблеми можат да се решат“ – вели Тасиќ.
Физикалната медицина во Хрватска е на високо ниво нагласи Катерина Иванковиќ. Додаде дека нивниот статус е регулиран бидејќи имаат комора на физиотерапевти која ги решава правните прашања.
„Многу вложуваме во едукација, едукаторите сите се однадвор, се разбира европски и во таа насока и ние настојуваме да се движиме, но сеуште важен ни е пациентот настојуваме да биде задоволен, се разбира дека и тука има превирања но тука е комората која ги решава нашите проблеми а со тоа и ние имаме свое место под сонцето“- нагласува Иванковиќ.
Здружението на физиотерапевти од Република Српска ги прати сите активности на светските конфедерации на физиотерапевти и излегува во пресрет на сите потреби на нивните граѓани и заедницата воопшто, изјави претседателката на здружението Дијана Брборовиќ.
„Активностите кои се спроведуваат се усмеруваат од најмладата популација, многу се работи со трудниците, со нивна припрема за пороѓај, но секако и кога најмладите ќе дојдат на свет, од самиот почеток се работи со нив, се до другите категории кои се оболени од било какви заболувања но и здравата популација“ – вели Брборовиќ.
Конгресот насловен како „Физиотерапевтски предизвици во 21 век“има за цел приближување на интересните сфери на сите физиотерапевти од регионот и меѓусебна размена на искуство. Истиот е во организација на здружението на професионалните физиотерапевти на Македонија. На Конгресот присутни се истакнати стручњаци од Македонија и регионот. Ќе се опфатат неколку теми: рехабилитација кај деца, неврофизиотерапија, рехабилитација во ортопедија, кардиореспираторна физиотерапија, рехабилитација на спортски повреди, хипорехабилитација и терапевтско пливање.
{loadposition content9}