Skip to main content

Охрид достојно го чествува ликот и делото на Прличев

Со повеќе активности, Охрид и годинава достојно ја одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид го чествува ликот и делото на големиот Прличев. Во Спомен куќата на Прличев се одржа настанот насловен „Стихови и звуци за Прличев“.  Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и човек кој кај охриѓани ја будел надежта и уверувањето за важноста на образованието, богатството на духовната историја, националното будење и културното самоидентификување.

Од страна на Олга Прличева на заменик градоначалникот Божиновски му беше врачен портрет од Григор Прличев. 

Во рамки на настанот беа врачени и два примерока од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид. Беа наградени и учениците кои имаа најубави творби на литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

А во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во рамките на одбележувањето на  130-годишнината од објавувањето на  делото „Автобиографија“ се одржа традиционалната Охридска визита. Настанот започнa  со инструментална изведба на „1762 лето“ од страна  КУД „Ѓердан од бисери“,  а извадоци од Прличевата „Автобиографија“  читаше Даријан Ангелоски. 

Беседа за Прличев под наслов: Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање одржа професор д-р Елизабета Шелева.

На младата студентка Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје , по потекло од Охрид и беше доделена наградата за Најдобра беседа на распишаниот конкурс под наслов: „Како против пизмата?“.

Чест и задоволство ми е што годинава јас сум меѓу наградените. Самото дело на Прличев ме инспирираше и мотивираше. Како што и сама наведувам во беседата „Јас не сум достојна да освојам ловоров венец, однсно можам да напишам само збор два, да посветам една прекрасна беседа за нашиот даскал, учител и преродбеник Григор Прличев“. Чуствата за добивањето на наградата се измешани. Неописливи се гордоста и среќата и сето тоа што го внесов во оваа беседа. – изјави лауретката Шемо.

Реч за наградената беседа одржа професор Татјана Дурнева – претседателка на конкурсната комисија.

„Беседата на наградената авторка, исткаена во поема, претставува личен став кон пизмата како горлива појава меѓу луѓето што се јавува откако постои светот. Притоа се навраќа на мислењето на Прличев за оваа особина и неговата борба против неа и против сите неправди и неприлики меѓу народите.  Прличев  вели авторката, умееше највешто против пизмата. “ – кажа во дел од обраќањето проф Дурнева.

Свое обраќање на визитата во улога на домаќин  имаше и директорот на Библиотеката, Милчо Јованоски кој пред присутните направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот.  

Во рамки на одбележување на 131 годишнината од смртта на Григор Прличев делегација на Општина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков положи свежо цвеќе во дворот на ООУ „Григор Прличев“ по што се одржа панихида на вечното почивалиште на великанот.

Општинската делегација положи цвеќе и се поклони пред спомен бистата на великанот  и пред градската библиотека.