Охрид ЅОЅ бара итен инспекциски надзор и стопирање на активностите за рушење на ресторан Парк
Од Граѓанскатата иницијатива Охрид SOS информираат дека откако до нив вчера дошле информации за рушење на објектот „Парк“, денес поднесле иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик.
Охрид ЅОЅ денес поднесе иницијатива до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат за итен инспекциски надзор врз зафатите кои започнале врз објектот на ресторанот Парк . Активистите бараат увид затоа што се сомневаат дека има прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик.
„Одобрението за градење е правосилно од 06 јули 2018 г., а првпат градежни работи се одвиваат во 2021 г. што е речиси една година ПО ИСТЕКОТ на важноста на одобрението за градење. Во самата претставка што ја поднесовме има обезбедено низа докази (видео и фотографии) за целосно отсуство на градежни работи пред 2021 г. што значи дека градежните активности кои сега се одвиваат се спротивни на законите и претставуваат кривично дело. Не може известување за отпочнување со градежни работи да се смета за почитување на обврската од чл. 66 ст. (1) од Законот за градење.“ – посочуваат од Охрид СОС.
Поради тоа, од надлежните институции за заштита на културното наследство и од градоначалникот на Град Охрид бараат итно сопирање на сите активности на ресторан Парк, сè додека не се разгледа нивната инцијатива за прогласување на објектот за споменик на културата, а во меѓувреме ставање на објектот под привремена заштита. Иницијативата е веќе поддржана и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
„Доколку не постапите ВЕДНАШ, секој од вас ќе стане свесен соучесник во неговото уништување. Покажете барем елементарна грижа за светското наследство на Охридскиот Регион за да не бидете запаметени како варвари! “– порачуваат активистите.
Потсетуваат на извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (од 2017 година) каде што стои: „Урбанизација со низок квалитет влијае на крајбрежниот пејзаж. …oвој дел на брегот веќе не изгледа природен, туку источкан со помали и поголеми градби (особено скоро изградениот Hotel Park Lakeside)“, а „лошиот архитектонски квалитет, во, и надвор од урбаните средини е закана за визуелните квалитети на доброто и закана по неговиот интегритет. Високите згради или било какви згради блиску до водата имаат големо визуелно влијание наштетувајќи му на интегритетот на доброто.“
За сите прекршувања на законите во врска со објектот на ресторан Парк од Охрид СОС најавуваат поднесување соодветни кривични пријави.