Skip to main content

Охрид е најскап град според разликите на цени на производите во малопродажба во земјава


Разликите кај одредени производи достигнуваат и до 100 денари по килограм. Еден од најскапите зеленчукови производи брокулата во Охрид била скоро 3 пати поскапа за разлика од Струмица.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Разликите на цени на производите во малопродажба го прават Охрид најскап град во земјава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Големи се разликите кај цените во малопродажба низ државата. Цените на производите во малопродажба за исти производи со иста грамажа имаат различни цени низ градовите во земјава. Според податоците на заводот, многу од продуктите се поскапи во Охрид за разлика во останатите македонски градови. Разликите кај одредени производи достигнуваат и до 100 денари по килограм. Тоа зависи од производот и локацијата каде што се набавуваат.

Еден од најскапите зеленчукови производи брокулата, во Охрид била скоро 3 пати поскапа за разлика од Струмица. Во Охрид за еден килограм брокула жителите плаќале цена од 153 денари. Во Струмица, пак, брокулата чинела само 54 денари за килограм.

Според податоците Охрид, како најпосетувана летна туристичка дестинација во земјава, предничела со висината на цените на голем број од продуктите. Така, поскапо се продавале  гравот, кромидот, јаболката, лимоните, јајцата и млекото.

Споредбите на цените на производите во малопродажба од Државниот завод за статистика покажуваат дека Штип е еден од градовите што имаат генерално пониски цени во споредба со другите градови во земјава. Иако и тука има отстапки на цени на продуктите што се продавале по повисока цена од другите градови. Велес, исто така, се издвојува по релативно пониски цени на производите, но затоа одредени продукти, како што се јаболката и јајцата, се продавале по повисоки цени отколку во другите градови.

Големи разлики се забележуваат и кај цените на месото. Јунешкото месо било најевтино во Штип, каде што чинело 274 денари за килограм, додека најскапо се продавало во Охрид и во Скопје по цена од 359 денари.

Слична е ситуацијата и со телешкото месо, кое штипјани го плаќале по цена од 368 денари за килограм,а охриѓани морале да издвојат 131 денар повеќе и да платат 499 денари за килограм. Скопјани пак го купувале за 497 денари за килограм.

Покрај Охрид, за поскапи градови во земјава важат и Битола и Куманово, додека Штип, Велес и Струмица се градовите со пониски цени на производите во малопродажба.