Охрид е подготвен да трчаТ
Голем број учесници се пријавени за главната трка на големиот спортски настан Охрид трчаТ. До овој момент на списокот се 330 учесници, а организаторите од Асоцијација „Спорт за сите сите за спорт“ очекуваат до вечер до кога трае и пријавувањето тој број да се зголеми.
Викендов ќе биде во знакот на големата спортска манифестација Охрид трчаТ. Се е подготвено за реализација на овој настан кој годинава за прв пат се организира од страна на Асоцијација „Спорт за сите сите за спорт“. Активностите започнаа уште вчера со основците од градов каде беа вклучени над 300 ученици. Иван Цветкоски од Асоцијација за спорт, истакна дека во текот на утрешниот ден од 15 часот до 20 часот ќе се делат стартните пакети, каде ќе биде стартниот број со електронски чип. Тој исто така ги откри и деталите за главната трка која ќе се одржи во недела на 4 ти јуни.
„Во 9 часот ги покануваме сите да бидат присутни на градскиот плоштад, Св Климент Охридски. Ќе има дел на загревање, односно аеробик кој ќе го водат три инструктори, па потоа учесниците се упатуваат на стартната позиција за трката која ќе започне во 10 часот. Првиот на 10 километарската трка го очекуваме за половина час, првиот на 5 км го очекуваме за 20 мин“.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој во манифестацијата Охрид трчаТ ќе се појави и како директен учесник, задоволен е од организаторот на овој настан и од сите подготвителни активности кои досега се реализирани. Бакрачески настанот уште од сега го оценува како успешен. Тој и во оваа прилика ја нагласи неговата исклучителна важност за туристичката промоција на Охрид, со што градот добива уште еден продукт кој охриѓани можат да им го понудат на туристите.
„Организаторите Асоцијација „Спорт за сите сите за спорт“ заедно со сите субјекти кои ја помагаат оваа трка, навистина се потрудија многу да се ова е организирано на високо светско и Европско ниво онака како што се организираат сите маратонски трки насекаде во светот, за што јас им благодарам и им честитам“
Од безбедносен аспект се е подготвено, вели Стефан Димовски портпаролот на СВР Охрид. Тој смета дека овој мега настан ќе го издигне нашиот град високо на спортската мапа.
„СВР Охрид на безбедносен план ќе го покрива целосно овој спортски настан. СВР е партнер во организациска смисла. Ние физички ќе ја обезбедуваме целокупната траса на која ќе се изведува оваа спортска манифестација“
Во делот на обезбедувањето на спортскиот настан Охрид трчаТ, СВР Охрид ќе учествува и со велосипедската полициска патрола која пак организаторот се погиржи комплетно да ја опреми.
Антонио Додоски зборуваше за мерките кои што ќе бидат преземени од нивна страна. Во таа насока истакна дека во настанот ќе бидат вклучени 50 волонтери и редари кои што заедно со полициските службеници ќе овозможат непречено одвивање на целата траса на трката.
„Ние ќе имаме ангажирано навистина голем број на реквизити со кои ќе се потрудиме максимално, за останатиот дел од граѓаните да им предочиме за сообраќајниот режим за време на самата трка, но апелирам до сите граѓани, особено до оние кои гравитираат околу самата патека која поминува низ густо населени места низ стариот дел на градот во овој период да се воздржат од поаѓање на нивните паркирани возила“
Градот е подготвен за големата маратонска и рекреативна трка. Организаторот ги покани и оние граѓани кои не можат да трчаат да излезат и да се забавуваат.