Skip to main content

Охрид го одбележа Светскиот ден на физичката активност

Во Охрид и неколку други градови во државава денеска  се одбележа Светскиот ден на физичката активност. Во рамки на одбележувањето, Општина Охрид  заедно со  Сојузот на училишни спортови  и спортски клубови  од градов организираа спортски активности на Кеј  „Македонија“. Градоначалникот Константин Георгиески и учесниците упатија порака до охриѓани од сите возрасти да одвојуваат време за физичка активност со цел да го зачуваат и подобрат своето здравје.

 |   | 

Атлетика, боречки вештини, аеробик и зумба, пинг понг, возење скејт, ролери и велосипеди, едрилици. Сето ова денеска можеше да се види на Кеј Македонија. Од Охрид  до над Велестово и назад се одржа и планинарска тура. Ученици од охридските училишта, членови на спортски клубови , спортисти и рекреативци го одбележаа Денот на физичката активност. Потребно е секојдневно движење, спортување и здрави животни навики, независно од возраста и полот, со цел да се одржи сопственото здравје, порачаа учесниците.  Пандемијата  на коронавирусот ни покажа  колку е значајно спортувањето или физичката активност, рече градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

„Движењето во природа, физичката активност се предуслов за здрав живот. Ги повикувам сите генерации, граѓаните од сите возрасни групи, сега е убаво времето, следува летото, целото слободно време да го користат за движење во природа, возење велосипед. Пандемијата си го направи своето, не работеа фитнес центрите, теретаните, а клубовите  не можеа да обавуваат редовни активности, меѓутоа сега со убавото време да се вратиме во природа .“ – изјави Георгиески.

Спортските активности  ги организира Општина Охрид  заедно со  Сојузот на училишни спортови  и спортски клубови  од градов.  Јоне Станкоски  од Секторот за образование и спорт и професор по физичка култура кажа дека физичката активност е една од главните алатки за здрав развој кај децата меѓутоа и превентива за низа болести.


„ Според испитувањата на Институтот за јавно здравје кај децата на возраст од 11 до 15 години процентот на физички активни е максимум до 30% кај машката популација и 26% кај женската популација така што ова се загрижувачки бројки кои допринесуваат за лоша здравствена слика кај целокупната популација во Македонија. Овој процент треба што е можно повеќе ад се зголемува и да бидеме што е можно повеќе физички активни. За децата потребно е во текот на денот барем 60 минути да бидат физички активни додека повозрасните категории граѓани од 150 до 180 минути во неделата или барем 30 минути во денот да имаат пешачење.“ – кажа Станкоски.

За денешната  велосипедска тура, одговорни беа професорите  Перо Георгиески и Левент Рифат, за пинг понг проф. Вретоски Никола, планинарска тура ја предводеа планинарот Мишко Танески и шампионот на Македонија во планинско трчање Дејан Ангелоски, во спортските активности учествуваа  клубовите Охрид трчаТ детска атлетика, карате клуб Чоле, теквондо клуб Хваранг од Лескоец, боксерски клуб Алексо Огненовски, аеробик со проф Кате Бујароска Ангелоска, скејт група од Охрид, едриличарски клуб Акватико и кајак клуб Стрмец.  Сите активности се одржуваа согласно ковид протоколите и беа поддржани  од Владата, Агенцијата за млади и спорт и Центарот за јавно здравје.