Skip to main content

Охрид го штитат сите и никој

Откако Реактивната мисија на Унеско ја откри грдата вистина за реалната состојба во која се наоѓа заштитеното добро на Охридскиот регион се формираа и се формираат разни комисии , координативни, советодавни, за давање насоки, мислења и следење на управувањето со природното и културното наследство. Од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион формирана во 2018та година, преку билатералниот македонско албански Комитет за заедничко управување со регионот на Охридското Езеро до најновата која деновиве треба да ја формира Министерството за култура.

 |  Валентина Неловска  | 

За да се заштити културното и природното наследство на Охридскиот регион како светско наследство под Унеско беа формирани и понатаму се формираат разни Комисии со стручни лица и претставници од министерства, институции и установи. Претставниците во овие Комисии имаа задача да даваат свои препораки, мислења, совети и насоки до Владата, минстрствата и надлежните институции за заштита на културното и природното наследство со меѓусекторска и билатерална соработка, со почитување и примена на универзалните вредности и принципи, вградени во меѓународните инструменти кои произлегуваат од Конвенцијата на УНЕСКО.
До крајов на месецов ќе ја добиеме најновата комисија која треба да ја формира Министерството за култура, која според најавата од влада треба да биде стручна комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош во изработка на актите за културното наследство во Охридскиот Регион, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство.

Во меѓувреме, во февруари годинава и измина мандатот на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион формирана во 2018та година. Оваа Комисија беше нотирана во Извештајот на Владата до Унеско како значајна активност којашто нашата држава ја реализираше во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО. Нема информции кога ќе биде формиран новиот состав на Комисијата.
Оскудни одговори има од нивна страна како и колку придонесле експертите претставници во Комисиите со нивните предлози и препораки за спас на Охридскиот регион како културно и природно наследство под Унеско од Листата на светски наследства во опасност.
ТВМ побара одговор од НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј, како една од клучните установи од заштитата на природно и културно наследство во Охридскиот регион, дали се задоволни од досега предложените мерки и сработеното на комисијата преку нивниот претставник м-р Горан Патчев, овластен конзерватор, кој беше член во комисијата од периодот од јуни 2020 до февруари 2021.


Во нивниот писмен одговор стои дека „ имаат позитивно мислење за целокупната работа на Комисијата, но за да се каже дали даде позитивни резултати потребно е поголема мултидисциплинарна елаборација“. Од самото формирање биле една од најактивните членки со доследно остварување на своите надлежности во следење и спроведување на имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“. 

По состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку 2019, во 2020 год се формира и Меѓудржавен Комитет за заедничко управување со Охридското Езеро помеѓу Македонија и Албанија. Овој Комитет во текот на 2020 година одржа два состанока.

Одговор за заклучоци и предлози кои произлеге од работата побаравме и од македонските претставници од Меѓународниот Комитет. Во нивниот писмен одговор е наведено последниот состанок на Меѓудржавниот комитет за управување со регионот на Охридското Езеро се одржал онлајн на крајот на ноември 2020 година. Темата на состанокот била Нацрт-планот за управување со сливот на Охридското Езеро и активностите од проектот „Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот слив на реката Дрим“.

„Беа посочени приоритетни мерки и потврдени заедничките стратешки определби во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО за зачувување на светското природно наследство во регионот на двете страни од езерото“, стои во дописот.

Од Невладината организација Фронт 21/24 , во меѓувреме , пак има сериозни обвинувања дека нема сериозни намери за заштита на Охридскиот регион под Унеско. Според нив, има само заклучоци за кои нема намера и интерес да се спроведуваат. Планот за управување со Охридскиот регион е скроен да не ги спречи планираните проекти, да не наметне одговорност, усвоен со серија на законски прекршувања, празни владини одлуки со наводни задолженија за општините и министерствата, и лажни информации во извештаите до УНЕСКО, тврдат од Фронт 21/24 . Тоа го поткрепуваат со новиот извештај на УНЕСКО каде што се потврдува фактот дека Охридскиот регион ги задоволува критериумите да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност.