Skip to main content

Охрид се полни со гости за велигденскиот продолжен викенд

Покрај домашните гости, најбројни се посетителите од соседните држави кои во охридските храмови ќе ја чујат веста за Христовото воскресение. Хотелските капацитети исполнети до 60% бидејќи се работи за верски празник кој се слави дома.
 |  Маја Савиќ  | 
Сончев Охрид фото Ѓоко Симјаноски

Охрид, Балканскиот Ерусалим, се полни со туристи кои овде ќе го одбележат големиот верски празник Велигден. Покрај домашните викенд гости, најбројни се посетителите од соседните држави кои во охридските храмови ќе ја чујат веста за Христовото воскресение.

Професорка од средно училиште во Крагуевац, со кој Охрид е збратимен веќе 40 години, решила на Велигден да ги донесе своите ученици на, како што рече, извориштето на писменоста.

„ Идеата беше нашите ученици, бидејќи јас сум професор по Српски јазик, во време на еден од најголемите христијански празници да го посетат градот кој познат како колевка на кирилицата и писменоста. Таа некоја моја идеа беше нашите ученици од Србија да ги зајакнуваат врските со културата, традицијата и јазикот со оглед дека нашите јазици се сродни и користат исто писмо и едноставно наставата по Српски јазик и литература да ја збогатиме со тоа што тие ќе учат за ова место кое е извориште на писменоста.“ – вели Нада Петровиќ – Професорка – ССУ „Кнез Александар Караџорџевиќ“ – Крагуевац.

„Овде луѓето се чувствуваат како дома, тоа е една пријатна атмосфера, луѓето се пријатни, пријателски расположени, овде се чувствуваме безбедно и добредојдени. Тоа е она што е важно. Посебно за овај голем празник да се биде во Охрид, ќе го посетиме и манастирот Св Наум, едноставно не се опишува чувството.“ – вели Јован Димиќ – сопственик на туристичка агенција.

Угостителите имаат големи очекувања од продолжениот, според најавите и сончев, празничен викенд во Охрид.

„ Очекувањата се големи за Велигденските празници како и секоја година Охрид е спремен и веќе имаме голоем број на туристи, а со доаѓањето на верскиот празник Велигден ќе дојдат и нашите гости од странство и од државава и Охрид ќе биде исполнет до последно место. Тука е и црквата Каменско каде нашите гости ќе можат и духовно да се одмараат , да уживаат во нашите убави јадења македонски традиционалани.“ – вели Сребре Митрески-угостител.

Покрај домашните верници кои ги посетуваат храмовите во Охрид, на Велигден чести посетители се и туристите кои се запознаваат со културното богатство кое го поседуваат црквите. Црквата „Св.Богородица-Каменско“ во чии рамки постои галерија на вредни икони од 18 век и 19 век е посетена од туристи од сите страни на светот.

– Ние сме група туристи од Австрија и Германија на кружна тура на Балканот. Многу ни се допаѓа тука, посебно езерото. Ќе продолжиме за Тирана , но сакам да дојдам тука и да останам подолго.

– Доаѓам од Тајван. Прв пат сум тука. Во групата има многу луѓе од Тунис, Турција, ова е мултикултурна група.

– Многу е убаво тука, како враќање назад во времето, низ историјата. Навистина уживам во посетата на сите овие стари цркви.

Со оглед на тоа дека Велигден е празник кој верниците го слават дома во кругот на семејството. хотелските капацитети имаат солидна исполнетост пред се со гости од соседството. Според најавите бројот на туристи ќе биде далеку поголем за Први мај, кој отсекогаш бил показател каква туристичка сезона може да очекува Охрид.