Охрид има идеални услови за развој на винскиот туризам
Охридското вино Амфора едно од омилените кај добрите познавачи на пијалокот на боговите. Будимир Соколовиќ, сопственик на вилата и винаријата мал Св. Климент вели дека Охрид има идеални услови за развој на винскиот туризам. Треба само интерес кај локалната и добра идеа за виното да се вклопи во еден убав туристички производ
Охрид има идеални услови за развој на винскиот туризам. Виното е важна компонента при креирањето на еден добар туристички производ, смета Будимир Соколовиќ, сопственик на вилата и винаријата мал Св. Климент. Тој кажува дека Хрватска и Словенија имаат направено бум со малите винарии кои се посетени од голем број туристи во текот на цела година. Неодамна охридските вина беа преставени на Винскиот салон во Скопје, „Винодонија“, каде посетителите имале можност да присуствуваат на едно комплетно ново доживување на поимот вино. Сe преставиле 40 винарии од земјава и од странство а посетителите со самата влезница можеле да дегустираат две- три стотини вина.
Задоволство ми е што едно од моите вина Амфора, тоа е памидот изработен во глинени амфори по методот од античко време беше хит и изненадување на винскиот салон и немаше вински стручњак кој не дојде да го дегустира тоа вино, вели Соколовиќ.
Во винскиот салон дегустатори имало од сите винарии во државава, но и од Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија. Тие биле воодушевени од различните вкусови и мириси на вината кои биле презентирани.
Македонија многу високо котира според квалитетот на виното, но многу ниско котира во презентацијата и продажбата на вината споредувајќи со околните земји кои имаат многу послаб квалитет и многу помала количина на произведено вино, вели Соколовиќ.
Соколовиќ смета дека во градов треба да се организира еден настан каде ќе можат да се претстават охридските вина, но да биде така осмислен што ќе е за луѓе кои навистина имаат познавање што е квалитетно вино. Да е во убав простор во кој ќе бидат изложени најразлични вина и каде посетителите ќе добијат соодветна чаша во која ќе можат да дегустираат. Ваков настан би било најдобро да се направи околу празникот Богојавление- Водици кога во градов има многу туристи кои ќе уживаат во една интересна туристичка понуда, вели Соколовиќ.