Охрид има најчисти и најуредени градски гробишта во Македонија, реагираат од ЈП
Неосновано, немилосрдно, но и дрско е да се зборува за уреденоста и чистотата на охридските градски гробишта, кои што години наназад го носеле, а со максимална работа и посветеност ќе продолжат да го носат епитетот на најчисти, најсредени и најдобро уредени градски гробишта во Република Македонија, реагираат од ЈП „Градски гробишта„ на изнесеното во денешното соопштение од ОО на СДСМ Охрид.
„Раководството на јавното претпријатие, заедно со целокупната оператива, редовно и максимално се грижи за хигиената во градските гробишта и навистина е жалосно и ниско да се користат ситуации како Духовден кога посетеноста на градските гробишта се брои во десетици илјадници луѓе или невремето од изминатиот викенд кое беше од невидени размери, за да се „мери” чистотата. “- се вели во реакцијата од јавното претпријатие.
Додаваат дека гробиштата секогаш се одржувале во најдобра уреденост како пред христијанските, така и пред муслиманските празници, за што говорела и моменталната акција за косење, метење, чистење и средување на муслиманскиот дел од гробиштата во пресрет на празникот Курбан Бајрам.
„Јавното претпријатие редовно ги извршува и остварува работите пропишани во годишниот план и програма за работа и после изминатата година која беше финансиски тешка за јавното претпријатие, го поминува и второто тромесечие од 2023 година со зголемен обем на работа и позитивна разлика. Со максимална посветеност и желба за поуспешни и подобри резултати, отворени за соработка, но и за критики и сугестии продолжуваме чесно и посветено за зачувување на достоинството на градските гробишта.“ – велат во реакцијата од ЈП Градски гробишта Охрид.