Skip to main content

Во Охрид има слободни работни места

Ниските профили на невработени лица со основно образование во градов, сеуште доминираат во евиденцијата на Агенцијата за вработување како активни баратели на работа. И покрај високата стапка на невработеност, во градов има и слободни работни места од профилот на фармацевтски техничари, медицински сестри и стоматолози.

 |  Николоска Биљана  | 

Во Охрид има слободни работни места, но не може да се зборува за голема побарувачка на работна сила, информираат од Агенцијата за вработување Охрид.  Како што обелодена првиот човек на Агенцијата Јован Баткоски најпобарувани профили биле фармацевтските техничари, медицинските сестри, стоматолози. Директорот истакна дека во Агенцијата не воделе евиденција на слободни работни места, бидејќи најголемиот дел од вработувањата се реализирале преку самите работодавачи, јавни огласи, нивни веб сајтови или преку огласи објавени на други работни места, обично во јавниот печат.

„Агенцијата за вработување им стои на располагање на сите работодавачи бесплатно им нуди секакви услуги од пазарот на трудот, пред се од вработувањето,  им нуди работна сила од соодветен профил кои се на евиденција без никаков надомест. Апелирам до сите работодавачи од било која сфера слободно за потребите од пополнување на нивните работни меата да се обратат до Центарот за вработување Охрид“ – нагласува Баткоски.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2015 година, имало 6.749 слободни работни места во земјава. Од нив 427 слободни работни места се регистрирани во Југозападниот регион. А што се однесува до стапката на невработеност во градов заклучно со месец мај има, околу 4600 невработени лица кои активно бараат работа, додека пак околу 3500 лица се пријавуваат на 6 месеци, односно не бараат активно работа, а тие се пријавуваат за да се водат во агенцијата за да добијат потврда за невработеност и информации од пазарот на трудот

„Со оглед на квалификационата структура или образовната структура сеуште доминираат ниските профили значи невработени лица кои се со основно образование кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, и бројот на тие лица е над 2000 лица. Околу 1000 невработени се со средно образование, со високо 900 лица“ -изјави Баткоски.

Инаку Агенцијата за вработување од Охрид континуирано ги спроведува активните програми и мерки кои водат кон јакнење на капацитетите на невработените лица за нивно вработување, како и создавање на бенефити за работодавачите за вработување на невработените лица.