Skip to main content

Охрид сочувствува со српскиот народ

Охрид изрази почит кон жртвите и сочувство со болката на српскиот народ

Граѓаните палејќи свеќи пред црквата на плоштадот изразија тага за загинатите и сочувство до нивните семејства и до народот на Србија.
 |  инфодеск  | 
Конзулат Србија почит за жртвите

Охриѓани, српската заедница во Охрид како и туристи денеска, во организација на почесниот конзулат на Р Србија во Македонија со седиште во Охрид, на градскиот плоштад „Св Климент Охридски“ оддадоа почит за жртвите во Белград и Младеновац. Граѓаните палејќи свеќи пред црквата на плоштадот изразија тага за загинатите и сочувство до нивните семејства и до народот на Србија.

„Испраќаме порака до народот на Србија во овие тешки мигови дека народот на Македонија е со нив. Изразуваме искрено и длабоко сочувство за загубените животи, силна емпатија и солидарност. Посакуваме брзо и лесно опоравување на сите повредени лица.“– кажа Михајло Филев, Почесен конзул.

Никогаш и никаде да не се повтори ваква несреќа која го потресе целиот Балкан, беа коментарите на присутните на плоштадот.

„Што да се каже во овој момент. Тажно е. Ова е катастрофа и да не даде Господ да се повтори ваква несреќа било каде, не само во Србија туку во светот. Сочувство да фамилиите. “

“Нека почиваат во мир децата и чуварот во училиштето кои беа убиени во Белград. Сочувство до најблиските. Имам многу пријатели во таа населба Врачар каде е училиштето. Белград не е многу далеку од нас. Сите родители, народот да си го стави прстот на чело за воспитувањето на децата. “

„Од Охрид, од Македонија изразуваме длабоко сочувство и жал. Никогаш да не се повтори ваква несреќа. Со голема жал сме собрани тука да оддадеме почит на сите кои загинаа во овие немили настани што се случија деновиве во Србија, во Белград и Младеновац. Вечна им памјат , никогаш да не се повтори.“

Во црквата Богородица Перивлепта на пладне се одржа панихида за трагично починатите граѓани. Денеска е трет ден на жалост во Србија која е завиена во црно и ги погребува жртвите на двата масакри. На 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, седмоодделенец уби осум ученици и еден обезбедувач, а рани шест ученици и еден наставник, со истрели од пиштол, а на 4 мај, во вечерните часови во околината на Младеновац и Смедерево, 21 годишник со калашников застрела осум млади лицаи рани уште 14 жители на околината.