Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2024 година, во Охрид се издадени 15 одобренија за градење. На 8 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 7 објекти инвеститори се деловни субјекти. Предвидена е изградба на 161 стан со вкупна корисна површина од 9 891 м2.
Во извештајниот период во општина Вевчани издадени се 5 одобренија за градење од кои 3 на физички лица, а две на деловни субјекти. Во општина Струга во јули биле издадени две одобренија за градба, по една на физичко лице и на деловен субјект. Во извештајниот период во Дебрца не е издадено ниту едно одобрение.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на ниво на државата во јули се издадени 374 одобренија за градење, што е за 33.6 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 207 (55.3 %) се наменети за објекти од високоградба, 75 (20.1 %) за објекти од нискоградба и 92 (24.6 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 374 објекти, на 200 (53.5 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 174 (46.5 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 808 станови, со вкупна корисна површина од 66 044 м2.