Мистериозните пештери на Галичица да станат туристичка атракција. Охрид има капацитет и треба да развива спелеолошки туризам, сугерираат експертите.

На планината има над 40 пештери, но само една беше мапирана и туристички валоризирана, за посета на гости, пештерата „Саматска дупка” , која со години е затворена и недостапна за разглед на туристите.

Пештерите треба да бидат мапирани и безбедни, и да станат дел од туристичката понуда на градот Охрид.
„ Еве да се имаме еден мал пример како од едни пештери во Франција, во Шпанија, прават светски познати туристички дестинации, каде што се акумулираат огромни финансиски средства. За жал, многу малко се е истражени пештерите во Македонија. Ако зборуваме за Охридскиот регион, малтене ни една пештера не е истражена.“ вели Сашо Кироски археолог.
Спелеолозите во 2015 година открија нови седум пештери на Галичица. Постојат документи дека има уште неоткриени пештери, но потребни се археолошки научни истражувања за нивна туристичка валоризација.

„ Кога веќе имаме една раритетна планина со најстари, со поглед на двете најстари езера во Европа, Охридско и Преспанско езеро, кога имаме еден прекрасен, феноменален видик од таа планина кон езерата, тогаш тие пештери би требало да претставуваат да одземаат воздишката на туристите кои ќе дојдат и кои ќе ја видат.“- додава Кироски.
Охридскиот факултет за туризам во 2019 година изработи стратегија за развој на спелеошлошкиот туризам, кој во земјава се уште е во зародиш.
Новинар Соња Рилковска