Охрид ќе донира парична помош
Охриѓани сочувствуваат со несреќата на народите од Турција и Сирија кои ги погоди катастрофалниот земјотрес. Советниците од градскиот совет со едноминутно молчење им оддадоа почит на настраданите жители од овие две земји. Едногласно беше усвоена одлуката за доделување парична помош на настраданите.
„Издвоивме средства од ставката на општина Охрид во висина од 300.000 денари за Република Турција и исто толку и за Република Сирија. Вкупно 600.000 денари од донација од општина Охрид“, посочи Сашо Донев, претседател на Советот на град Охрид.
Сашо Донев,претседателот на Советот, не ја исклучи можноста и од друг вид на помош за настраданите подрачја од општина Охрид. Се разгледуваат и дополнителни опции и можности како испраќање на луѓе кои би им помогнале во погодените региони.
„Како општина она што денес го направивме е во најкраток можен рок. Се надевам во консултација со други институции кои би можеле да помогнат. Да обезбедат луѓе кои можат да излезат во пресрет. Ќе ги исконтактираме и ќе смогнеме сили за дополнителна помош“, кажа Донев.
Кирил Пецаков, градоначалникот на Охрид, изрази сочуство до турскиот народ за загинатите во погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес, а на повредените им посака побрзо закрепнување. Пецаков напиша на официјалниот профил на Фејсбук дека охриѓани во овие тешки мигови со мислите се со пријателскиот народ на Турција.