Skip to main content

Урбанистички планови изготвени пред 10 години

Охрид ќе расчистува стари ДУП-ови кои не можат да се донесат

Охрид е рекордер меѓу општините во државава по број на предмети од урбанистичката сфера од кои дел се во процедура и по 15 години. Секторот за урбанизам при општина Охрид планира да ги бришe старите предмети за кои е најдобро да се отпочнат по новиот закон за урбанистичко планирање. Урбанистичките планови мора да се преработуваат и усогласат со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион доколку сакаме да го зачувавме статусот на УНЕСКО.
 |  инфодеск  | 
Охрид панорама

Граѓаните и охридските советници се интересираат за судбината на урбанистичките планови изготвени пред повеќе од 10 години, но никако да се донесат. Во време кога се крои Програмата за урбанистичко планирање за 2023 година советниците бараат подетални информации за секој план, кога е започнат да се изработува и поради кои причини не е ставен на Совет за усвојување.

Во Нацрт програмата за урбанистичко планирање за 2023 година предвидено е донесување на 10-тина ДУП-ови. Урбанистичкиот план за УЗ 4 „Распаќе“ изготвен уште во 2010 година, но 12 години не е донесен. Имало некои измени, поправки на грешки и бил усогласен наназад со УНЕСКО. Се надевам дека оваа година, не само тој туку сите овие коишто ги имаме зацртано ќе се донесат, бидејќи од она што јас памтам подолго време Советот нема донесено детален урбанистички план – истакна Ванчо Костоски, советник од ВМРО НП.

Планот за „Распаќе“ ДУП во УЗ 4 УБ 4.4 е стопиран поради неиздавање позитивно мислење од Комисијата за УНЕСКО и тој не е изолиран случај. Скоро сите планови имаат проблем со спроведување. Но проблемот не е до Општината и стручните служби, вели Богдан Настески Герман  од Секторот за урбанизам.

Бидејќи се започнати според стара постапка. Самата Комисија за УНЕСКО предлага да започнат по новиот закон, односно да отпочнат нови постапки. Има неусогласување со нивните барања, со она што е во планската програма за тие планови.  За овој план конкретно ќе се обезбеди нова ажурирана подлога за да може да продолжи постапката по старо и да видиме колку можеме да ги испочитуваме барања на Комисијата за УНЕСКО – додава Настески Герман.

Секторот за урбанизам има повеќе од 200 предмети за работа во претстојната година. Нема ниту една друга општина во државава, или да ги собереме сите скопски општини заедно, немаат толку предмети. Дополнително специфично е што Охрид како подрачје подлежи на обезбедување на мислења и согласности од многу институции, вели Настески Герман. Но додава дека препреките се совладуваат, се врши усогласување со барањата на Комисијата, а Секторот планира и да ги расчисти фиоките од стари предмети за кои е најдобро да се отпочнат по новиот закон за урбанистичко планирање бидејќи во него има и рокови во кој  треба еден план да се донесе, додека претходно немаше такво ограничување.

Работата ќе оди. Меѓутоа интенцијата на Секторот за урбанизам е да се расчистат тие стари планови, бидејќи поради голем број на измени и дополнувања на Законот и Правилникот веќе се создава еден хаос и нема можност за донесување. Имаме цел сите овие планови кои се започнати по стара постапка, затоа што дел од планерските фирми се веќе затворени, инвеститорите кои се иницијатори на тие планови се повлекле, немаат веќе интерес за разработка, само се држат во залог тие територии да нема можност Општината да иницира нови постапки за тоа подрачје. Затоа полека ќе ги бришиме тие стари планови, кои не се само од 2010, туку имаме планови и од 2006 година и постари – објаснува Настески Герман.

Инаку, првиот ДУП усогласен со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, Општина Охрид го донесе во март 2021, кој се однесуваше на Урбана заедница 8, Бејбунар. Тој првично беше поништен во 2013 година за потоа да се преработи и усогласи согласно препораките на УНЕСКО и доби позитивно мислење од Комисијата за УНЕСКО и Министерство за транспорт и врски.