Skip to main content

Социјална заштита

Охрид ќе добие Центар за стари лица

Голема е потребата од грижа за стари лица. За оваа услуга почна посебна едукација на кадар.
 |  Валентина Неловска  | 
Наскоро охриѓани ќе добијат Центар за нега на стари и лица со посебни потреби. Има голема побарувачка за нега во домашни услови за овие наши сограѓани, а општинската организација на Црвен крст организира стручна обука за негуватели кои може да ги понуди според потребите, информира Сашо Точков, претседател на ОО ЦК. Досега се направени две обуки со лица кои се стекнале со меѓународен сертификат верифициран од Министерството за образование и кои може да се вклучат во функционирањето на центарот.
Имаме 14 негуватели да пружат услуги. Се надеваме според пријавите досега дека ќе обучиме уште 20 тина негуватели кои ќе може да одговорат на оние потреби од  луѓето кои ќе се пријават за користење на ваков вид грижа. Услугите се поделени во пакети за се она што им е потребно на лицата да им се пружи како нега од наша страна. Цената на услугите е прилагодена од Републичкиот Црвен крст и важи за цела Македонија – истакна Точков.
Во општинската организација на Црвен крст во тек се уписите за обуки кои ќе ги изведуваат стручни едукатори, а ќе траат 3 месеци. Може да се пријават кандидати на возраст од 18 до 60 години кои имаат желба да помогаат на овие лица и да се дел од тимот на центарот кој ќе ги испорачува  услугите.
Има три пакет услуги, но во секој пакет има по 15-тина услуги според потребите, почнувајќи  од готвење, купување, потстрижување, капење, различни потреби. Постојано ќе вршиме обуки во текот на цела година и е добро за оние кои немаат работа, а се желни да работат. Условите се флексибилни и ги повикуваме охриѓани да се пријават и да ја покажат хуманоста, но и да добијат и финансиска надомест – вели Точков.
Обуките за негуватели се бесплатни за лицата кои ќе прифатат по завршувањето да останат во центарот во следните 4 години. Вакви Центри за негуватели функционираат во ОО ЦК во градовите Скопје, Куманово, Струмица, Битола и Велес.