Skip to main content

Охрид ќе добие јавен тоалет

Охрид ќе добие јавен тоалет. Туристите конечно ќе има каде да се олеснат. Станува збор за тоалет составен од три посебни делови, за мажи, жени и за лицата со посебни потреби, а ќе биде од типот на урбана опрема. Локалната самоуправа на Охрид во престојниов период треба да ја одреди локацијата, која најверојатно ќе биде во централното градско подрачје, каде што најповеќе недостасува, велат од Центарот за развој на Југозападен Плански регион.

 |  Николоска Биљана  | 

Најголемиот туристички центар, конечно ќе добие јавни тоалети. Долги години се зборува на оваа тема, а туристичките водичи се најгласни во барањето да се реши овој проблем. Мирјана Лозаноска од Центарот за развој на Југозападниот плански регион, обелоденува дека за 2016 година, за националниот буџет доставиле 6 регионални проекти, кои биле составен дел на приоритетната листа, усвоена од Советот за развој, кој го сочинуваат градоначалниците. Проектите биле позитивно оценети а во моментов само за два од нив биле одобрени финансиски средства. Еден од нив е поставувањето на јавни тоалети во 5 општини, вели Лозаноска. Додава дека во периодов што следи Локалната самоуправа на Охрид треба да ја утврди локацијата каде ќе биде поставен првиот јавен тоалет во градов, според неа, најверојатно некаде во централното градско подрачје.

„Тие се модерни, направени од многу добар материјал, лесни за одржување, во просек од 25 000 евра е една таква опрема да се постави и ќе бидат поставени во Охрид, Струга, Вевчани, Центар Жупа, а за останатите ќе почекаме наредна фаза во зависност од тоа како ќе средствата за финансирање така ќе ги реализираме и другите“

Идејата за реализација на регионалниот проект за поставување на јавни тоалети, ја поздравуваат од туристичкиот кластер ЕДЕН. Претседателот на Советот, Сузана Наумоска, рече дека тоа било нивна првична идеја, во насока на подобрување на туризмот во градов. Дополнително проектот го оценуваат како убав чекор пред престојниот настан, односно Самитот за авантуристички туризам, кој ќе се одржува од 9 – 12 мај годинава во Охрид,на кој ќе земат учество околу 40 тур оператори, а настанот ќе го покриваат над 20 медиуми.
Проектот пак за справување со проблемот со кучињата скитници не добил приоритет.
Како што информираше Лозаноска, годинава ќе се реализира и регионалниот проект за енергетска ефикасност на јавни објекти од типот, основни, средни училишта, градинки кои што се во сопственост на општините.